Францускиот претседател очекува билатерален договор меѓу двете земји со кој ќе се почитуваат правата на граѓаните кои припаѓаат на други заедници. Петков се надева на европски гаранции, пишува Дојче Веле.
Францускиот претседател Емануел Макрон изрази подготвеност да ги собере во Париз претставниците на Бугарија и Северна Македонија, „кога ќе дојде време“ за тоа. Макрон во понеделникот телефонски разговарал со бугарскиот претседател Румен Радев и со македонскиот премиер Димитар Ковачевски околу спорот кој го блокира почетокот на преговорите со ЕУ на Северна Македонија.
Франција, која во моментов е претседавач со ЕУ, сака спорот да се надмине до крајот на месецов, но таквиот исход засега е неизвесен. Елисејската палата соопшти дека Макрон во разговорите изразил „целосна поддршка за договор меѓу двете земји кој ќе придонесе за добрососедски односи и почитување на основните права на граѓаните кои изјавуваат дека припаѓаат на други заедници или на малцинства.”
Дека преговорите меѓу двете земји сега се фокусирани на внесувањето на Бугарите во Уставот на РСМ може да се прочита и од изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков.
„Се обидуваме да видиме дали бугарските барања и потреби за поддршка на Бугарите во Северна Македонија можат да се гарантираат низ европскиот процес“, изјави Петков. Тој демантираше дека врз неговата земја се врши политички притисок за решение и уште еднаш соопшти дека „нема ништо да се стори под притисок“.
Бугарскиот претседател Румен Радев претходно ја отфрли можноста да отпатува во Париз на средба со Макрон околу спорот со Северна Македонија. Според соопштението од Елисејската палата, Макрон очекува таква посета да се случи откако двете земји ќе се договорат за надминување на спорот, а во Париз би се склучил „нивниот билатерален договор“.
Бугарија веќе две години го блокира почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ барајќи претходно да се постигне согласност за историски и јазични прашања. Во сабота, на разговори со политичкиот врв во двете земји ќе пристигне и германскиот канцелар Олаф Шолц