Францускиот претседател Емануел Макрон не поддржува исклучување на Унгарија од Европската унија по донесувањето на законот за ограничување на правата на припадниците на ЛГБТ заедницата, објави Дојче веле.
– Ова е егзистенцијално прашање за Европејците и голема дебата. Јас не поддржувам употреба на член 50 (исклучување од ЕУ), рече Макрон на прес-конференција.
Тој го опиша конфликтот во ЕУ како „културна војна“.
– Треба да разбереме како земјите дојдоа до оваа ситуација. Ние водиме културна битка, битка на цивилизациите, рече Макрон по самитот.
Тој изрази загриженост за подемот на либералниот конзервативизам во некои земји-членки, што, според него, ги поткопува вредностите на Унијата.
Претходно холандскиот премиер Марк Руте му порача на унгарскиот премиер Виктор Орбан да ги почитува правата на ЛГБТ заедницата или да ја напушти ЕУ.
Според него, Унгарија, „со својот закон според кој се дискриминира ЛГБТ заедницата, нема што повеќе да бара во Европската унија“.
– За мене тие (Унгарците) веќе нема што да прават во ЕУ, но јас не одлучувам сам. Има уште 26 земји, рече Руте и додаде дека ЕУ е „заедница на вредности “.
Според извештаите, 17 од 27 лидери на земјите-членки на ЕУ, вклучително и германската канцеларка Ангела Меркел, потпишале заедничко писмо со кое се потврдува нивната заложба за заштита на правата на хомосексуалците.
Пред состанокот, Орбан тврдеше дека законот не е насочен кон хомосексуалците, туку има за цел да го заштити правото на родителите да одлучуваат за сексуалното образование на нивните деца.