Францускиот претседател Емануел Макрон денес го предупреди Брисел против финализирање на договорот за слободна трговија со јужноамериканските земји поради противењето од француската влада и земјоделците.

„Доколку европските власти имаат намера да го наметнат, Франција ќе се спротивстави многу силно“, рече Макрон на состанокот на кабинетот во Париз, според портпаролката на владата Мод Брежон.

Владата јасно стави до знаење во текот на викендот дека не сака земјите од ЕУ наскоро да гласаат за договорот со земјите од Меркосур, кој го сочинуваат Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај. Протестите на земјоделците против договорот од Меркосур и справувањето на владата со епидемијата на добиток се шират во Франција.

Со околу 19 милиони животни, Франција е најголемиот производител на говедско месо во Европа.

„Доколку договорот со Меркосур се потпише на крајот од неделата, тоа природно би довело до многу посилни протести“, изјави Арно Русо, претседател на чадор организацијата на француските земјоделски здруженија (FNSEA), за телевизијата Франс Интер.

Европската унија и Меркосур постигнаа политички договор пред една година за договор за слободна трговија, кој е во процес на преговори веќе 25 години.

Евентуалното отворање на пазарот на ЕУ за производите на Меркосур наиде на отпор во Европа, првенствено во земјоделскиот сектор, а во октомври Европската комисија предложи заштитни мерки за европските земјоделци кои треба да ги решат нивните загрижености и противење на трговскиот договор.

 

фото/депозитфотос

Текстот Макрон: Франција ќе се спротивстави на наметнувањето увоз од јужноамериканските земји е превземен од МАКФАКС.