Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика Европа и САД итно да испратат пет отсто од своите вакцини против Ковид-19 на земјите во развој.

Тој, во пресрет на видео самитот на групата Г7 кој почнува денеска, истакна дека неуспехот во поделбата на вакцините ќе ја зголеми нееднаквоста во светот

-Не станува збор за поделба на милијарда дози вакцини веднаш, или милијарди и милијарди евра. Зборуваме за распределба на четири-пет отсто дози од вакцините кои нема да влијаат на нашата кампања за вакцинација. Секоја земја да остави настрана мало количество на вакцини, но тоа да се направи брзо, нагласи Макрон.

Шефот на француската држава додаде дека и германската канцеларка Ангела Меркел ја поддржува европската иницијатива за поделба на вакцините, изразувајќи надеж дека неговата идеја ќе ја прифатат и САД.

-Во недостиг на таква шема, Кина и Русија ја пополнуваат празнината и отвораат пат за војна на влијание преку вакцините, изјави Макрон. (МИА)