Блискоисточните „чувствителни“ држави треба да добијат меѓународна финансиска помош за да не бидат вовлечени во конфликтот меѓу Израел и Хамас, изјави францускиот претседател Емануел Макрон за време на мировниот форум во Париз.

– Сè е поврзано, рече Макрон, кој претседаваше со првата тркалезна маса на Форумот.

– Денес имаме многу чувствителни земји и ако не им помогнеме преку меѓународна солидарност, тие ќе бидат вовлечени во актуелниот конфликт на Блискиот Исток, рече тој.

Францускиот претседател нагласи дека дејствувањето на Меѓународниот монетарен фонд, особено во Јордан и Египет во рамките на конфликтот, е „апсолутно одлучувачко“.

ММФ вчера објави склучување на договор за помош од 1,2 милијарди долари за Јордан, земја која граничи со Израел и стравува од последиците од војната во која Израел и палестинската исламистичка група Хамас се борат повеќе од еден месец.

Јордан, кој нема природни ресурси и зависи од меѓународната помош, веќе прими стотици илјади Палестинци и стравува од нов масовен егзодус кон своја територија.

Генералната директорка на ММФ Кристалина Георгиева денеска напомена и дека на Египет, кој исто така е погоден од конфликтот, му е потребна „дополнителна“ помош.

Папата Франциск испрати порака за охрабрување до организаторите на Парискиот мировен форум и изрази надеж „дека оваа средба ќе може да придонесе за изградба на поправеден, солидарен и мирен свет“.