Мој, а и приоритет на Управниот одбор е да го подобриме технолошкиот процес во Пошта, кој има потреба од 50-тина нови вработувања, но не планираме толку во овој период и ги чекаме согласностите кои ќе ги добиеме, потврди денеска генералниот директор на АД „Пошта на Македонија“, Јани Макрадули.
-Како компанија имаме потреба од нови вработувања, но се уште немаме објавено оглас. Старосната структура во Пошта е многу висока и 56 луѓе веќе заминаа во пензија, повеќето од нив со високо образование. Во овој период има и многу поштари разнесувачи кои го оствариле правото на пензија и заминуваат. Мораме да најдеме решение, бидејќи согласно Законот за поштенски услуги во секоја од 340-те поштенски единици мораме да имаме и поштари, рече Макрадули во одговор на прашање по денешната работна посета на Поштата ЕПМ 1013 Шуто Оризари.