-Со прогласување на поштата на еден од седумте најзагрозени споменици во Европа, ние го ставаме на виделина нашето европско наследство во опасност, подигнуваме свесност и го трасираме патот кон одржлива иднина на избраните локалитети, рече денеска генералниот директор на А.Д. „Пошта на Северна Македонија“, Јани Макрадули.

Листата на номинирани седум најзагрозени споменици и локалитети со наследство во Европа за 2021 година беше објавена вчера од страна на Европа Ностра – Европскиот глас на граѓанското опшество посветено на културното и природно наследство и неговата партнерска организација, Институтот на Европската инвестициска банка (ЕИБ). А.Д. „Пошта“ е дел од оваа листа.

Макрадули денеска на прес-конференција посочи дека избраните седум најзагрозени локалитети добиваат грант за наследство од Институтот на ЕИБ, во висина до 10 илјади евра по локалитет.

Тој потенцира дека оваа сума можеме да ја толкуваме како симболична, но, според него, таа е многу важна, затоа што вчерашниот избор е најдобрата апликација кон европските фондови.