Владимир Перев

Изборите во Македонија никогаш не биле некакво сериозно собитие. Веќе генерации и генерации Македонци не помнат вистински избори, вистинска дадена шанса на обикновениот човек да си го каже своето мнение за политиката, државата и државниците, а тоа да има некакво влијание врз тековниот живот и иднината. Објективно гледано, ние Македонците сме имале само два пати прилика да си го кажеме своето мнение, кое било од вистинска важност и влијаело на настаните кои следеле потоа. На едните такви избори се сеќава мојата генерација. Тоа беа првите избори за повеќепартиски парламент во не така далечната 1991 година, некаде септември-ноември месец. Се гласаше по мнозинскиот систем, новоформираната ВМРО-ДПМНЕ однесе убедлива победа, но потоа настаните се одвиваа онака како што закоравената, болшевизирана србокомунистичка врхушка на чело со Киро Глигоров, Стојан Андов и нивниот антураж, ја наметнаа својата волја и визија за југословенската Македонија на гласачите. Ова беа вторите избори. Првите биле некаде во далечната 1874 година, кога македонските црквено-школски општини гласале за тоа, дали сакаат да бидат со Патријаршијата и фанариотите, или сакале да бидат со Егзархијата, да го отфрлат срамното име “рум-милет“ и да учествуваат во воскреснувањето на бугарската нација и држава. Тоа беа победнички избори, односно бројката од 2/3 население изјаснето за Егзархијата, било победа на една национална идеја. Тоа е време на хероизам и легенди. За бугарите и Бугарија не знам, но за нас Македонците/македонските Бугари, останати на територијата на Македонија, сите други избори биле обичен фалсификат, гласови фрлени во ветер и злоупотребена народна волја и иднина.

Последните парламентарни избори во Бугарија, барем за нас Македонците, ја покажаа огромната поделеност на бугарското ткиво во Македонија. Ако во Македонија се дадени 120 илјади бугарски пасоши, односно ако има толку бугарски државјани, тогаш бројката од околу само 500 души излезени на изборите, говори во најмала рака, за недостоинството на оние кои со своја изјава и документи од сопствените предци добиле бугарско државјанство. Навистина, повеќето од нив, со бугарските документи заминале да работат и живеат на Запад, но белким во земјава не останале само 500 души. Тоа ја потврдува размислата на многумина дека треба да се прави разлика мегу оние кои се декларираат како македонски Бугари и оние кои се кажуваат само како “Македонци со бугарски пасоши“. Разликите се огромни и задираат длабоко во македонистичкиот поданички менталитет, принудуван на покорност и согласност со секакви подлости во последниве стотина години.

Многумина сме согласни со тезата на (не)омилениот и секогаш спорниот основач на македонизмот Блаже Конески, дека ние Македонците сме “смачкано племе“, со разлики во мнението, кој е тој што не направил такви. Нели, сега сме уж слободни, живееме во “своја“ слободна држава, па зошто тогаш ни се нужни туѓи пасоши и зошто се плашиме да учествуваме во политичкиот живот на државата која ни дала шанса за благодет на нас и блиските од семејството. Одговорите се повеќе од јасни, но тоа е тема за која треба да се прашаат социолозите, ама и политичарите да си ја кажат думата.

Изборите во Македонија отворија пат и кон некои други размисли. Имено, омразениот од сите македонисти, македонски историчари и политичари, лидерот на ВМРО БНД, Красимир Каракачанов е апсолутен победник на изборите во Македонија, заедно со партијата ГЕРБ. Тој во Охрид е апсолутен победник, процентите се некаде како кога победувал Тодор Живков во неговиот Правец…слично, со мали разлики е и на другите изборни места. Само во Струмица победи ДБ, но таму има неправителствена организација, декларативно десноцентристичка, но фактички лево ориентирана. Тие го исфрлија Каракачанов од игра, заедно со ГЕРБ.

Победата на Каракачанов и ГЕРБ на сите места, освен во Струмица, не е само обично толкување на математички проценти. Тоа се определби. Најголемиот број на гласачи во Македонија покажа дека ја поддржува политиката на вето наложена од бугарската влада на Борисов, а толку јасно и експлицитно кажана од Каракачанов и Екатерина Захариева, како носител на бугарската надворешна политика. Таа поддршка ја дадовме ние, македонските Бугари. Струмичката група секогаш држеше до некакво взаемно македонско-бугарско признавање, вклучително и на организации од типот на ОМО Илинден и тие на изборите доживеаја крах…тоа е позицијата по однос на изборите.

Бугарската политика и партиите не се покажаа во најдобрата светлина на овие избори, барем што се однесува за Македонија. Немаше предизборна кампања, немаше повици за гласање, немаше рекламни банери низ македонските портали и весници. Не мислете дека тоа е неможно. Јас живеам во тој свет и можам да ви кажам дека ако се вложат малку пари, секој сопственик на портал ќе прифати да ја “обзнани“ кампањата и денот на изборите. Затоа, тој празен простор беше пополнет од дискретните телефонски јавувања на удбашките соработници кои навидум невино прашуваа за изборите, ама де факто тое беше порака од типот “сакаме да ве видиме дека ќе гласате и да ве снимиме“. Никој, буквално никој не им се исплаши. По ставеното вето (или како и да го наречеме) во ЕП од страна на Бугарија, во Македонија веќе никој не се плаши на заканите од самозаборавените државни чиновници кои уште мислат дека можат да влијаат врз граѓаните. Бугарија ја покажа својата политичка надмоќ, а наложеното стриктно придржување кон Договорот за добрососедство, беше пораз на пројугословенските и квазилибералистичките сили во македонското општество.

На изборите победник де факто стана Слави Трифонов и таа победа предизвика недоумици во Македонија. Македонија живеела во едно подруго општество, имаше мегазвезди од областа на шоубизнисот, некои беа и на европско ниво, сите беа пријатели со југословенскиот политички врв, вклучително и со Тито и беа негови редовни гости. Никому никогаш не му паднало на памет да дозволи некоја од тие звезди да формира своја партија или политичка групација, без оглед на тоа што некои беа многу образовани и со политички врски во европскиот свет. Го имаа свое место во југословенското општество, но до денешен ден никој не им дал раководна улога во политиката. Додека ги пишувам овие редови (11 април) Слави сеуште не се појавил да даде своја изјава, никој не ја знае неговата политичка програма, ако воопште ја има, а единствената комуникација му се социјалните мрежи. Тешки, тешки моменти ја чекаат Бугарија, а и нас со неа!

Повеќе од триесет години, уште од времето на Живков, во Бугарија студираат студенти од Вардарскиот дел на Македонија, а некои таму формираа свои семејства, останаа да работат, имаат потомство, имаат бугарско образование, ама нема ниту еден од нив да се најде на списоците на некоја бугарска партија за член на парламентот или да има некое престижно место во бугарските институции. Се стекнува впечаток дека или ние Македонците сме многу глупави за тие работи, или пак Бугарите се многу паметни…ни едното ни другото не е точно, историјата покажа дека сме исти.

Некои мои пријатели и роднини во Бугарија ми велат дека тие млади вардарски македонци не можеле да го поминат “безбедносниот филтер“ нужен за кариера во бугарското општество. Слатко се изнасмеав, воопшто не ме погоди тоа мнение. Одамна знам дека не сите мои роднини и пријатели во Бугарија се умни луѓе. Целиот парламент и сите државни институции вријат од лустрирани агенти на ДС, но кога се работи за бугарите од Бугарија, тоа е во ред, не е во ред ако некој се родил во вардарскиот дел на Македонија…тогаш е агент! Воопшто, бугарските критериуми за агентура и слугување на туѓи или свои лични интереси на туѓа сметка и несреќа се многу интересни и релативни.

Никој не може да ми објасни по што “агентот Алберт“ е добриот и е испратен со сите почести, а “агентот Иван“ е лошиот и сите во Македонија и (некои) во Бугарија треба да се радуваме дека не влезе во парламентот. Знаеме дека “руското проклетство“ стои над неговата глава, но за тоа треба да се одговара, ако се има факти. Ако пак има факти, а државата не ги активира, тогаш точен е впечатокот на повеќето Македонци дека Бугарите се сите обземени од “руското проклетство“, толку јасно пројавено низ дејствијата и пропагандата на повеќето бугарски партии.

Знам дека многумина не го сакаат лидерот на ВМРО, не го сакам ниту јас, ама тоа нема значение. Овде са работи за политика и интереси, а денес чесни луѓе тешко се најдуваат дури и на манастир. Не се разликуваме многу, кај нас е истото, само тука несреќите доаѓаат од белградските воспитаници.

Ние Македонците сме есенцијалниот дел на бугарската нација. Сме биле заедно во сите победи и во сите несреќи. Минатото оставило траги врз нашата психа и поимањето на патриотизам, но на младите и образовани Македонци во Бугарија треба да им се даде шанса за напредок во политичкиот живот на земјата за која се бореле нивните предци, а тие сега и фамилијарно и се приопштиле.

Последниве две-три години овде во Скопје стекнав еден нов пријател. Човек во средните триесети години, роден во Истанбул. Потеклото му е од костурските села, а во Истанбул се родени и неговиот татко и мајка. Припаѓа на стар вмровски род. На прашањето зошто си заминува од родниот Цариград добив јасен одговор: “Јас и моите сме родени таму, образовани таму, јас имам и универзитет во Цариград. Турскиот е мојот втор мајчин јазик, а знам одличен англиски и сосема приличен мајчин бугарски, вклучително и со читање и пишување. Како да останам во Ердогановата Турција кога немаме ниеден “наш човек“ на работа во општината, во армијата, во правосудието, полицијата, во парламентот. И да сакам, не можам да живеам во таа држава која треба да е мојата вистинска татковина. Таму не можам да опстојам“

Бугарија денес е вистинската татковина на оние кои останале и се образовале таму. Таа треба да им ја даде шансата што ја заслужуваат. Младите Македонци ќе го разбијат зачмаениот, заробениот бугарски дух и ќе дадат нови перспективи во иднина. Резултатите од овие избори покажаа дека ниту “почитуваниот агент Алберт“, ниту во Македонија омразениот “агент Иван“ можат да извршат вистинско влијание на избирателната маса во Бугарија.

Само отворањето на Бугарија кон своите македонски соседи, може да предизвика нова, толку нужна ревитализација на духот во двете држави. Заради затвореноста и меѓусебното недоверие, последиците се чувствуваат и кај нас и на директен начин влијаат врз нашите судбини. Сигурен сум дека ова со шоуменот Слави ке трае колку еден “летен дожд“, само треба да внимаваме да не се направат поголемите штети на духот на народот. Потоа доаѓа времето кога Бугарија треба да решава, дали ке оди кон сопствените и европските национални вредности, или ќе остане во духот на самозаробување, нешто слично како “Ердогановата“ Турција!