Пишува: Владимир Перев

Ако е и од комунистите-многу е! Деновиве читаме низ медиите за “херојското“ бегање од затворот на Црн Мост во Битола на 120 затвореници, осудени на смрт и долгогодишни казни. Интересно е да се следат фактите во написот. Од фашистичкиот воено-полев суд, меѓу изречените пресуди имало и 50 смртни пресуди. Тоа е факт, но никаде не се споменува колку од нив биле извршени. Меѓу другото, не се споменува дека тој “фашистички воено-полев“ суд, де факто е воен суд на бугарската армија и држава, но елегантно се одбегнува терминот “бугарски“, сето тоа во светлината на некакво подобрување на односите на релација Софија-Скопје.
Затворот на Црн Мост е формиран некаде во јули 1942 година, па до 9 септември 1944 година, кога е официјално затворен, за потоа да стане и остане комунистички затвор, функционирал цели 27 месеци, па ако се извршувале сите смртни казни, требало на секој месец да има речи си по две бесења. Такво нешто, во толкава количина и бројка, не е запаметено. Во Македонија за 13-те младинци од Ваташа се напишаа стотина статии и се испеаја песни, а за некакви масовни бесења по затворите во Македонија, не само на Црн мост, никој не се сеќава. Сигурно ги имало, ама не така како се инсинуира. Пресуди сигурно имало!

Има и симпатични нејаснотии за тоа како се случило “бегството“. Затворениците навистина избегале, ама откако стражарите “биле принудени“ да ги отворат затворските порти, за потоа сите затвореници да се приклучат кон партизаните, односно кон НОБ и НОВ. Веројатно прво си отишле “по дома“, да се најадат и одморат, знаеле дак војната е готова и без нив, па потоа заминале “во борба“. Само не може да се разбере, како се разбрале со “фашистите“, на кој јазик се договарале да се отворат вратите и што понатаму било предмет на договори.
Дека нашата борба била “херојска“ а животот во фашистичкиот затворо бил “маченички“, може да се види и од фактот дека таму непречено работел “затворски комитет на комунистите, кој формирал и затворски воен штаб“, за бегство од затворот. Чудни, глупави некои фашисти, пред нивните очи, комунистите им организираат партиски комитет и воен штаб.

Сепак, шлагот на тортата, црешата на шлагот е информацијата дека “во затворот излегле три броја од нелегалниот весник “Наш пат“. Ова е најсилниот доказ за величината на нашата КПМ и на светлите традиции наследени од КПЈ и нејзините елитни кадри. Имено, сите ние учевме дека и покрај жестокиот терор во занданите на кралската Југославија, комунистичката елита во затворот во Сремска Митровица, предводена од Тито, Моша Пијаде, Родољуб Чолаковиќ и нашиот Диме Бојановски-Дизе, успеала да го преведе Марксовиот “Капитал“ и Енгелсовиот “Анти-Диринг“. Нејасна е верзијата каде е запишуван, Некои велат дека бил на “прошверцувана хартија“ а другите тврдат дека бил на ролни од “тоалетна хартија“. Ова второво е поверојатно, затоа што ние нив ги запознавме како антихерои со нечист задник, нечиста и лажлива совест и засмрдена идеологија. Ајде за Маркс и за “Капиталот“ ми е јасно, (комунистите секогаш биле црвени, ама нивната боја била зелената боја на доларот и темносината на другите европски валути…никој не сакал црвени рублји и левови!). Ама, кого го болело главата за некаков Диринг и за Енгелсовото “анти“, кон тој непознат и неважен човек. Веројатно затворениците немале проблеми со храната, чистиот воздук и сопствената еманципација, па се оддале на филозофски расправи.

Интересно е да се види и објави (ако има сочувано), што се пишувало во трите броја на затворскиот весник “Наш пат“. Дали имало повик на борба “до последен“, дали говореле за Маркс, Енгелс, Диринг и други нешта, а најинтересно е дали имало закани кон “фашистите“. Се говори дека некои од питомците на “Црн мост“ подоцна работеле во УДБ-а, па е интересно да се види дали некогаш и некому му ги отвориле вратите од истиот тој затвор, за човекот или групата да “си избегаат“ дома или некаде на друго место.

На “Црн мост“ денес има паметник, градоначалничката на Битола постави цвеќе на местото, тоа ќе го прават и сите идни градоначалници и функционери на Битола. Така треба, ама нека не се прават паметни и од нас да не прават будали…сите знаеме како било и во кои зандани било најтешко…ова е ново време, а модата на Титовите комунисти е одамна одмината!

Извор: Трибуна