Иако со успешниот настап на Европското првенство во групата во Љубљана, а и според рејтингот, во годината што изминува ја заработија привилегијата да учествуваат во Златната европска лига, сепак, и во 2021-ва македонските одбојкари повторно ќе бидат дел од понискиот ранг од престижното натпреварување – т.н. Сребрена европска лига.
Ваква е одлуката на ЦЕВ базирана на системот за рангирање, без оглед што од завршувањето на континенталниот шампионат во 2019 година воопшто немаше репрезентативни активности, а годинашното издание на Европската лига воопшто не се одржа поради пандемијата. Независно од тоа, ЦЕВ направи нова листа и реши македонската национална репрезентација шестипат да настапува во сребрениот сегмент.
Ќе играме во групата „А“ со Израел, со Данска, со Кипар, првиот турнир е во Данска од 28-30 мај, а вториот кај нас од 4-6 јуни, а за деновите од 25-27 истиот месец е предвиден завршен турнир, за чијашто организација аплицираше и Одбојкарската федерација на Македонија. За ова ЦЕВ ќе одлучува дополнително.
Ѓорѓиев оптимист за пласман на ЕП: Шансите на Македонија се големи!
Во другата група „Б“ ќе се надмудруваат Австрија, Хрватска, Унгарија и Луксембург, а како и во претходните години, натпреварувачкиот систем ќе биде идентичен.
По шест мечеви, секој со секого по двапати, во полуфиналето на завршниот турнир ќе учествуваат најдобрите репрезентации од двете групи. Доколку организаторот не е меѓу нив, тогаш покрај него, на завршниот собир ќе бидат двете првопласирани селекции и подобриот второпласиран.