Македонскиот збор силно одекна во Париз, на Националниот интитут за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО), со меѓународниот симпозиум што беше организиран вчера по повод 50 години од отворањето на тамошниот Лекторат по македонски јазик – најстариот активен лекторат по македонски јазик на универзитетите во светот.

Како што информира Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, одекнаа научните вистини за македонистиката и констатациите за потребата од натамошни вложувања во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура. Но, и клучни согледби за македонските книжевни и културни вредности, преку осврнувањата на творештвото на великанот Ацо Шопов, во чест на 100-годишнината од неговото раѓање.

-На ИНАЛКО се слушна и македонската народна песна, на концерт организиран во чест на големиот јубилеј за македонистиката и за македонската држава.  Уште еднаш се потврди дека соработката меѓу Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и ИНАЛКО е исклучително важна за развојот на странската македонистика, се вели во соопштението.

На Симпозиумот се одржа тркалезна маса која во целост беше посветена на македонистиката во Франција.