Пишува: Љубиша Николовски

Откако Македонија го потпишаа Стратешкиот дијалог со САД и откако земјата стана членка на НАТО, американската администрација не штеди зборови за поддршка кон политиките на оваа Влада. Во тоа можеше да се увери и премиерот Димитар Ковачевски кој деновиве престојува во посета на САД. Во средбите и разговорите со првите луѓе на Стејт Департментот, имаше прилика да слушне недвосмислена и силна поддршка за сите политички и економски аспекти со кои се соочува земјата.

Двете држави споделуваат длабоки врски, засновани на заедничка почит на демократските вредности и човековите права и ваквите односи ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика.

Американскиот државен секретар Блинкен на состанокот потенцира дека САД високо го ценат придонесот на Република Северна Македонија во регионалниот контекст, но, пред сè, како цврст НАТО-сојузник. Блинкен истакна дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во нејзините следни чекори, високо ценејќи ги досегашните храбри и мудри одлуки што Владата ги презеде во насока на обезбедување просперитетна иднина во рамките на ЕУ и НАТО.

Ваков силен вординг употреби државниот секретар Ентони Блинкен на средбата со Димитар Ковачевски, што одамна не бил употребен во дипломатскиот начин на обраќање.

Несомнено ваквиот срдечен прием на македонската делегација предводена од премиерот Ковачевски и силните пораки на поддршка се упатени и кон домашната политичка јавност која често пати критички и со сомнеж гледа на стратешките определби на Владата за тоа каде ја води земјата. Но секако, во адресата на која се упатени пораките за поддршка кон ЕУ, се наоѓаат и некои европски држави од соседството кон кои дипломатски им се порачува дека стабилноста на Северна Македонија е важна за САД и дека тоа треба да го имаат предвид во билатералните односи.

Тесните врски што во последно време ги зајакнува Северна Македонија со САД се должат на Стратешкиот дијалог што го потпишаа двете земји, а со кои САД зема обврска да ѝ помага за зајакнување на владеењето на правото и демократските институции.

Соодветно на тоа Ковачевски со Специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, Џејмс П. Рубин, потпиша меморандум за создавање стратешко партнерство со САД за борба против дезинформациите, што ќе им овозможи на двете земји интензивна соработка во спротивставување на манипулациите со информации и борбата со дезинформации.

Не помалку важна остануваат и заложбите на САД за унапредување на енергетска безбедност за регионот, во што Северна Македонија е веќе вклучена преку енергетската независност и обезбедувањето на непречено снабдување со енергенси на државата, како во текот на минатата година кога навистина имавме помош од САД, така и во изградбата на идните големи инфраструктурни проекти во делот на енергетиката. За ова потврда даде и премиерот Ковачевски кој потсети на гасоводот кој ќе оди од ЛНГ терминалот од Грција преку Евзони и Богородица до Неготино.

Исто така, на средбите со високите претставници на американската администрација било разговарано  и за други инфраструктурни проекти како што е изградбата на Коридорот 8 и 10д, што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка”.

Коридорите 8 и 10 не случајно се нашле на агендата на средбите и разговорите во Вашингтон, во време кога договорот наидува на силен отпор кај опозицијата.