Хуманитарната помош собрана од страна на Црвениот крст на Северна Макеоднија денеска тргнува кон регионите погодени од земјотресите што минатиот понеделник ги зафати Турција и Сирија. Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, информираше дека до денеска собрани се вкупно 25.120.773 денари парична помош, и два камиона со 800 пакети храна, 1.700 пакети со средства за хигиена и 4.000 ќебиња.
Турскиот амбасадор во Скопје, Хасан Мехмет Секизкок, од друга страна, информираше дека преку разни невладини организации и компании, реализирана е испорака на 850 тони прехранбени производи, 53 тони облека, 27 тони хигиенски материјали и 4.360 ќебиња, 186 греалки, 37 шатори, како и 18 агрегати.
Саити на денешната прес-конференција истакна дека ова е првична хуманитарна помош и изрази надеж дека во соработка со фирмите и компаниите во наредниот период ќе се обезбеди дополнителна помош.
По консултативните состаноци со турската Полумесечина, Саити апелира собирање на материјална хуманитарна помош пред се во ќебиња, шатори и вреќи за спиење, газиени лампи итн.
– Во делот на остатокот од материјалната хуманитарна помош апелираме уште еднаш да се донираат намирници (пакети со храна и со хигиена) но сето тоа да биде ново, согласно стандардите за хуманитарна работа, рече Саити.
Во поглед на собраните финансиски средства, Саити истакна дека, заклучно со вчерашниот ден, собрани се 25.125.000 денари, од кои 12.900.000 денари се средства кои се собрани од телефонските повици, а остатокот се уплати и придонеси на жиро сметката на Црвениот крст.
Амбасадорот Секизкок, истакна дека собирањето на хуманитарната помош била во координација со Амбасадата на Турција во Скопје и разни невладини организации и компании и изрази голема благодарност за помошта во надминувањето на овие тешки денови.
Тој изрази голема благодарност и до спасувачките екипи не само од земјава туку и од целиот свет и рече дека нивниот придонес е многу значаен.
Секретарот на Црвен крст, Саити, дополнително информираше дека целата денешна организација за логистика, е донација од две фирми, Транслог ДОЕЛ Скопје и Интернационал логистик АРТ ДОЕЛ Скопје.