Ставот на Владата во однос на македонскиот јазик е конзистентен, а тоа е дека за него, како и за идентитетот и културата не преговараме, што значи дека нашиот јазик е заштитен во ЕУ, порача вчера од Охрид министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. Поддршка за посебноста на македонскиот јазик и почит кон него изрази и српскиот министер за надворешни работи на Србија Никола Селаковиќ, додека бугарските членови на Клубот за бугарско-македонско пријателство изразија несогласување со ставот Министерството за надворешни работи на Бугарија за нашиот јазик, нагласувајќи дека иако Софија продолжува да не го признава македонскиот јазик, по приемот на земјава во Унијата тој ќе стане еден од официјалните јазици на ЕУ.

Костадиновска Стојчевска вчера во изјава при отворањето на Конзулатот на Србија во Охрид, посочи дека не сака да коментирам ставови на други држави, посочувајќи дека во вторникот за време на Првата меѓувладина конференција во Брисел и на првиот дел од скрининг процесот и таа и сите наши претставници зборуваа на македонски јазик.

– Нашиот став е конзистентен, ист и тоа е дека за јазикот не преговараме, дека нашиот јазик е чист. Во преговарачката рамка нема фусноти, нема никакви додавки. Македонскиот јазик е македонски јазик којшто е кодифициран во 1945 година, нагласи Костадиновска Стојчевска.

Во однос на унилатералната изјава на Бугарија за македонскиот јазик, министерката Костадиновска Стојчевска истакна дека тоа е нешто што треба да го објасни Софија.

– Во текот на целиот процес дури да пристигнеме до моментот на отворање на преговори никој не преговараше за македонскиот јазик, идентитет и култура, рече Костадиновска Стојчевска.

Според неа, несфатливо е како некој сака да го убеди нашиот народ дека Владата не го признава македонскиот јазик.

– Па ние на македонски зборуваме, на македонски зборувавме и по седницата каде што мнозинството граѓани, мнозинството пратеници, дадоа поддршка на преговарачката рамка и ден денес зборуваме македонски, тоа никој никаде нам не ни го оспорува, додаде Костадиновска Стојчевска.

Околу бугарската унилатерална изјава, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во петочното издание на емисијата „Трилинг“ на ТВ24 истакна дека таа нема никаква важност за целокупното користење на македонскиот јазик во Европската Унија, ниту пак за ставот на другите држави членки.