Македонскиот пејач Александар Тарабунов синоќа бил уапсен во еден ноќен клуб во Битола. Ова тој самиот го соопшти преку социјалните мрежи.
-Вчера вечерта бев уапсен во Битола каде што настапувава, како да сум најголем криминалец. Со лисици, со туркање во комбе ме однесоа во станица, буквално за ништо. Изрежираа дека се противам на началникот и дека немам лична карта, иако се обидов да ја покажам и заедно со сопственикот на локалот не’ држеа до 8 сабајле. Спијте мирно луѓе, нема веќе криминал, се’ е решено“ – напиша тој видно револтиран на својот инстаграм профил.
Инаку, полицијата синоќа спроведе акција во неколку ноќни локали и клубови во Битола. Во дел од нив пронајдена е дрога, а во некои и лица без сертификати, што според се уште актуелната владина уредба, поради спречување на ширењето на коронавирусот, мора да се поседува за влез во угостителски објекти.
– Во два ноќни клуба е пронајдена дрога (прашкаста материја и марихуана) и ќе бидат поднесени кривични пријави по член 215 од Кривичниот законик, едно лице употребило лажен ковид сертификат и за тоа ќе следува соодветна кривична пријава, а до надлежното обвинителство ќе биде поднесен поднесок и против сопственик на објект кој упатувал закани кон полициските службеници и инспекциските служби, велат од МВР, од каде сепак нема информации дали и колку лица се приведени.