Завршија изборите во соседна Бугарија, а со тоа се изјасни насоката во која ќе се развива земјата. Едно е јасно, за разлика од кај нас, бугарскиот народ, така мудро ги размести политичките играчи, поставувајќи ги во ситуација на зависност еден од друг, во која ситуација никој, апсолутно никој сам не може да ја состави идната влада.
Со едно гласање беа застрелани неколку политички „зајаци“!
Прво, беспорен факт е дека можноста за авторитарно владеење, владеење од позиција на силен, е невозможна мисија сега, но најверојатно и во иднина.
Второ, стана јасно дека Борисов и ГЕРБ остануваат најголема политичка сила, но влегуваат во процес на длабоки политички и опозициски предизвици, кои би предизвикале или можност за политичкиот феникс Борисов да се врати на власт брзо и ефикасно после престојните претседателски избори во октомври, кое како појава се случи во една слична ситуација во периодот 2013-14 година со ротацијата во власта и кабинетот на премиерот Пламен Орешарски, или ќе започне процес на ерозија кој ќе биде поттикнат од идната можна влада без разлика дали таа ќе е политичка составена од можното мнозинство во Парламентот предводени од партијата „Има таков народ“ на г. Трифонов или пак службена влада составена од претседателот Румен Радев.
Трето, единствената стабилна институција остана претседателот на Република Бугарија, ген. Румен Радев, околу кој беспорно се обединети сите политички субјекти во парламентот со исклучок на ГЕРБ и до некаде ДПС, иако за ДПС е тешко да се види или предвиди насока за дејствување, имајќи ја предвид длабочината на потезите и размислувањата на нивниот почесен лидер г. Ахмет Доган. Беспорен е фактот дека точно ДПС е единствениот политички играч, кој со близу над 20 000 гласови го подобри својот резултат од претходните парламентарни избори.
Четврто, ВМРО на Красимир Каракачанов, не го помина прагот од 4%, освои 3,65% или околу 116000 гласови, но се затврди како најголем политички субјект во патриотскиот-националистички терен и беспорно ова е највисок резултат на избори, освоен од ВМРО кога самостојно се јавува на избори. Останатите играчи во овој спектар се многу далеку од прагот за влез во Парламентот, а дел од нив и ќе исчезнат од политичката сцена. Очекувам преструктуирање и обединување околу јадрото на ВМРО и на други помали формации, кое ќе предизвика како катализатор радикализација и барање на можност за избори и враќање во Парламентот. Точно проблемот со Македонија може да биде тој катализатор.
Ако ВМРО со свој вице-премиер, министри, пратеници и дел од бугарската влада, успеа да ја наметне својата позиција по темата Македонија и покрај јасната заложба на САД и Германија за започнување на преговори, во услови на опозиција, во услови на апсолутна политичка нестабилност и претстојните претседателски избори, на кој стана јасно дека силната и стабилна политичка фигура во моментот председателот Радев ќе се бори за уште еден мандат, радикализација, протестите, а кога ВМРО во Бугарија прави протести досега секогаш паѓала власта, се сосема очекувана насока на дејствување. Следејќи ги потезите и на европратеникот Ковачев од ГЕРБ, како и на министерката за надворешни Екатерина Захариева, повеќе од јасно е дека ВМРО ќе ја има поддршката по македонското прашање и од ГЕРБ без разлика дали би била јавна или тајна.
Впрочем, иако скромни како бројка, изборните резултати од гласачките места во Македонија ги обврзуваат, но и стимулираат на такви дејствија бидејки ВМРО беше прва, а ГЕРБ втора политичка сила во изборот на македонските Бугари кои собраа смелост и храброст да гласаат изборите.
Петто, феноменот Трифонов, човек со огромна популарност, кој успеа да се задржи на врвот во својата работа како шоумен речиси 30 години, е единствениот вонсистемски играч. Неговото дејствување е тешко да се предвиди по многу прашања, но по македонското прашање мислам дека би можел да констатирам нешто јасно, можеби бидејќи сум ја набљудувал неговата позиција и развој во таа насока од блиску.
Очекувам до голема степен дипломатичност, без многу изјави, демонстрации и позиции, но зад затворени врати тврдост, која ќе ги изненади дури и нашите западно-европски партнери.
Првиот шоумен кој во свое телевизиско шоу во Бугарија покани за учесник и македонски Бугарин, поконкретно едно младо и преубаво девојче, студент во Софија од градот Штип, Дијана Миличевиќ, дете од мешан брак помеѓу Србин и Бугарка, нејзината мајка, тетка Соња, Бог да ја прости е веќе почината, беше токму Слави Трифонов. Тој беше човекот кој во бугарската јавност, преку шоу и забава го отвори прашањето за македонските Бугари и нивниот начин на живот денес во Македонија. Нема да се изненадам, ако во идната влада и во најблиските кругови на г. Трифонов, како соработници и советници се појават македонски Бугари. Тогаш освен Каракачанов, кој беше првиот политичар со советници и соработници од Македонија, Трифунов ќе биде вториот таков политичар.
Дали ќе ги објават јавно кои се луѓето кои ги советуваат останува да видиме.
Шесто, ген. Румен Радев се бетонира како основен претендент за уште 5 години претседателски мандат. Изборите во октомври, неговата јасна позиција по проблемот со Македонија, како и јасната осознаеност на неговиот долг како претседател ќе бидат сериозен „проблем” за изнаоѓање на решение. Не очекувам ништо повеќе или помалку од продолжување на неговата јасна политичка линија по ова прашање.
Како што констатираше почитуваниот Љупчо Нешков, сопственикот на информативната агенција БГНЕС, многу скоро откако ќе ни спласне еуфоријата може да се укаже дека ние во Македонија ќе жалиме што Борисов и Каракачанов не се на власт.
Ако успеавме да потпишеме Договор за добрососедство со влада предводена од нив и покрај несогласувањата може и ќе успееме да најдеме некакво решение.
Сега со новите играчи како што е г. Трифунов и се разбира авторитетната фигура на претседателот Радев, ова ќе е доста сложена невозможност.
Кој ќе тргне да го решава прашањето надвор од рамковната позиција на Парламентот, ќе предизвика сериозен отпор и квалификација во општеството, сериозни протести и за жал, тешки политички последици врз себе.
Претседателот Радев има амбиција за втор мандат и нема како да си го дозволи тој момент, а г. Трифонов е нов во политиката и не верувам,а и до некаде знам, дека нема да си дозволи фаул старт на првата кривина на меѓународната сцена која ќе му го зоврие котелот дома.
Дел 2 на анализата- Македонската надеж по бугарските избори, ќе биде посветена на останатите членови на Парламентот (Бугарската социјалистичка партија -БСП, Демократска Бугарија, која е единствената формација со про-македонски ставови, формацијата околу Маја Манолова, како и традиционалниот фактор ДПС и нивниот однос кон Македонија).
Во дел 2 ќе се посветам и на сентенцијата „Вистината раѓа омраза”.
Понекогаш е долг да се спомене формулата која може и да допринесе за решение. И во неколку наврати, но и сега, мислам дека единствениот пат за можно решение е Македонија да ја прифати историската вистина, без цензура, редакција и идеологизација, а Бугарија современата реалност таква каква што е, како што се македонската државност, современата нација и во таа реалност беспорен факт се и македонските Бугари, кои и покрај нивната маргинализираност, сатанизираност и изложеност на јавен линч, се дел од македонската општествено- политичка реалност.
Претстои дел 2!
Автор: Петар Колев, претседател на ГДУ