Македонската фудбалска репрезентација има и „јунаци во сенка“, луѓе кои работат со фудбалерите, но не премногу често ѝ се познати или се експонирани во јавноста. Валандовчанецот, Д-р Борислав Калковалиев – човекот кој е задолжен за здравствениот билтен.
Репрезентацијата е блиска, секој со секого е пријател, меѓутоа сите играчи имаат еден посебен однос со докторот кој им ги лечи сите маки со медицинска техника, ама и со гитара. На теренот Калковалиев е првиот кој влетува за да помогне кога има повреда, прави чуда и заедно со својот тим ги оспособува фудбалерите преку ноќ да станат на нозе, но исто така, тој е и првиот кој ја крева атмосферата, затоа што кога е потребна забава – тој е првиот кој ја грабнува гитарата и исполнува музички желби.
Некогаш песната е славеничка, некогаш е тажна и буди емоции кај сите. Впрочем, таков е и спортот. Не може секогаш да победуваш. Со медицинската работа во националниот тим, сигурно е дека во мемоарите на лекарскиот тим ќе останат спомени и анегдоти од патувањата кои за целиот живот кои ќе се прераскажуваат.
„Сите сме како едно големо семејство. Од играчите, стручниот штаб, медицинскиот тим, економите, како и сите на некој начин поврзани со работата за време на собир. Огромна чест и задоволство е да се биде дел од една таква институција, во која покрај стручниот предизвик и искуство, научив многу и како човек за другарство, пожртвуваност, посветеност, лидерство и ставање на личните квалитети во служба на заеднички придобивки. Не може човек да остане рамнодушен, а да не се израдува на секој постигнат гол, и да се натажи за загубен натпревар“, го раскажа Калковалиев своето искуство во националнуот тим во интервју за забавната интернет-страница „ЦрноБело“.
Секако, Калковалиев не е сам во целата оваа приказна. До него се докторите-колеги Невзат Јонузи и Александар Савески, како и физиотерапевтите Бојан Цаневски, Бојан Силјаноски и Ангеле Милевски. Перфектен тим за победи! Да се надеваме дека ќе имаат заеднички успех и на претстојното ЕП 2020, па Доктор Борис повторно ќе ги покаже своите квалитети со гитарата.