Македонската дипломатија не е, и нема да биде ничија партиска сопственост. По години на политичка злоупотреба, ја враќаме дипломатијата на државата, институционално, професионално и во согласност со законот, реагираат од МНР по прозивките од страна на СДСМ кои на прес -конференција кажаа дека Муцунски и ВМРО-ДПММЕ ја узурпираат дипломатијата.

„Автентичното толкување на член 39 став 3 од Законот за надворешни работи е легитимна, уставно заснована постапка, донесена од Собранието – единствениот орган со надлежност за толкување на законите. Министерството нема ниту овластување, ниту влијание врз овој процес.
Членот на Комисијата за надворешни работи од СДСМ, Фатон Бејта, го упатуваме на предметот Уставно право на кој било правен факултет во државата, каде што ќе може да се потсети дека државата се темели врз начелото на поделба на власта – законодавна, извршна и судска.

Целта на ова толкување е да се воведе дополнителен демократски филтер и јавна отчетност при изборот на амбасадори – не да се одземе уставната надлежност на Претседателот, туку да се зајакне транспарентноста пред граѓаните.

Собраниската процедура, спроведена пред Комисијата за надворешни работи составена од пратеници од сите политички партии, е доказ за инклузивност и независност на процесот.

Наместо да одржуваат безпредметни прес-конференции, СДСМ треба да одговори зошто нивните амбасадори со години беа апатични, невидливи или отворено политизирани, а именувањето на дел од нив беше спроведено спротивно на Законот за надворешни работи“.

Нашата цел не е партизација, велат од МНР, туку системска професионализација.

„За првпат по долг период се воспоставуваат јасни критериуми, јавни постапки и механизми за унапредување на кариерните дипломати. Најсилна потврда за ова се измените на Законот за надворешни работи, кои неодамна беа усвоени во Собранието, а чија главна цел е токму професионализацијата на дипломатијата.

Амбасадорите што чесно и професионално ја извршувале својата функција немаат од што да се грижат. Но оние што амбасадите ги третираа како партиски трофеи, нивниот мандат завршува“.

Оваа влада, се нагласува во реакцијата од МНР, гради модерна, отчетна и компетентна дипломатија, со амбасадори што ја претставуваат државата, а не партијата.

Текстот Македонската дипломатија нема да биде ничија партиска сопственост, одговори МНР по прозивките од СДСМ е превземен од МАКФАКС.