Северна Македонија рамо под рамо заедно со останатите земји-членки станува дел од колективната одбрана на НАТО.
Како што објави Дојче Веле, министрите за одбрана на 30-те земји – членки на Алијансата за време на дводневните состаноци на Северноатлантскиот совет ги усвоија целите на способности, за прв пат по членството на С. Македонија во Алијансата. Ова го соопшти министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која информираше дека состанокот на НАТО министрите за одбрана во Брисел заврши со важна вест за земјата.
Целите на способности го покажуваат правецот во кој ќе се развива македонската армија како НАТО Армија и нејзиното учество во колективната одбрана на НАТО. „Идејата е земјите – членки меѓусебно да се поддржуваат и помагаат во справувањето со идните предизвици, особено имајќи предвид дека секоја земја развива специфични капацитети, кои заедно ја прават Алијансата поцврста и поспремна да ја гарантира безбедноста и стабилноста на евроатлантската област“, соопшти Министерството за одбрана.
Трансформацијата на македонската армија за членство во НАТО, практично започна со формирањето на Првата лесна пешадиска чета во Штип, во чија обука учествуваа британски воени експерти. Движење по азимут во непознато земјиште дење и ноќе, изработка на позиции за одбрана, индивидуални борбени техники во напад и одбрана дење и ноќе, совладување на терен при контакт беа дел од обуките кои ги поминаа припадниците од пешадиските чети од состав на Лесниот пешадиски баталјон.
Неодамна земјата доби и опрема од Велика Британија – системи за преноќување со кои што ќе може да се логорува, да се преноќува во секакви услови. Станува збор за опрема од највисок квалитет која што ја користат и други НАТО земји. Министерката Шекеринска неодамна информираше дека ќе се набавуваат и најсовремени оклопни возила кои ќе бидат наменети за оваа баталјонска група, а обезбедени се и комплетни униформи, целосна спортска опрема, GPS системи и дополнителна логорска опрема која што е дел од опремата која што припаѓа на една ваква група.
Оваа чета во наредниот период ќе биде оценувана дали ги исполнува највисоките НАТО стандарди, по што ќе може да се вклучи во мисии на Алијансата.
НАТО неодамна ја споведе една од најкомплексните акции со која од Авганистан беа евакуирани над 130 илјади граѓани кои во изминатите две декади им помагаа на силите на НАТО во оваа земја. Од МО велат дека Северна Македонија и во овој случај со привремениот прием на одреден број авганистански граѓани покажа дека е сојузник на кој Алијансата може да се потпре.
Министерката Радмила Шекеринска оствари бројни средби со министрите од сојузничките земји на кои беше потврдена заложбата за развој на меѓусебните билатерални одбранбени односи. Шекеринска во Брисел, се сретна и со генералниот секретар на Европската служба за надворешно дејствување, Стефано Санино каде ја пренесе пораката дека Северна Македонија испорача резултати и дека е потребно Унијата час поскоро да го отвори патот кон полноправно членство.