Европскиот парламент дава целосна поддршка за почеток на преговорите, рече денеска европратеничката Ирена Јовева на средбата со вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска.

На средбата присуствуваа и европратеникот Владимир Билчик, како и шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија Дејвид Гир.

Јовева која доаѓа од Словенија, а има македонско потекло, изрази оптимизам дека почетокот на преговорите набрзо ќе се случи.

И Билчик ја нагласи европоддршката, истакнувајќи дека е важно политичкиот дијалог да продолжи кога се во прашање стратешките интереси на државата, како што е европската интеграција.

На средбата, како што сооошти владината прес-служба, се разговараше и за тековните реформи во делот на спроведувањето на политиките за добро владеење. Особено беше нагласена важноста на политичката поддршка, но и експертизата што доаѓа преку ЕУ фондовите при реализација на реформските процеси во земјата.

Грковска истакна дека и покрај бугарското вето Северна Македонија ги продолжува реформите дома. Владата, рече, е посветена да изгради општество со професионални, ефикасни, транспарентни и одговорни институции, насочени кон обезбедување подобри услуги за граѓаните.

-Мојата работа како вицепремиерка за политики за добро владеење е фокусирана на воспоставување на системски и долгорочни решенија. Кабинетот за креирање на политики се заснова на три главни столба, дигитална трансформација на општеството, транспарентни и ефикасни институции и развивање на антикорупциски политики. Воспоставивме партнерски односи и соработка со министерствата, како и со Државната антикорупциска комисија, Државниот завод за ревизија, Бирото за јавни набавки, како и со граѓанските организации, нагласи вицепремиерката.

Соговорниците разменија мислења и за работата на администрацијата и за процесот на дигиталната трансформација на општеството.