Македонија е подготвена да обезбеди поддршка за справување со последиците од поплавите, објави претседателот на Бугарија, Румен Радев, на „Икс“, по телефонскиот разговор со македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова.

„Благодарност до претседателката Гордан Сиљановска Давкова за конструктивниот телефонски разговор и изразеното сочувство за жртвите од поплавите во Бугарија, како и за декларираната подготвеност на РСМ да обезбеди поддршка за справување со последиците од невремето“, напиша Радев.

 

Бугарија се соочува со апокалиптични поплави. Снимките покажуваат како автомобилите се однесени од порои, а полицијата и жандармеријата се распоредени во критичните области.

Четвртата жртва од поплавите во реонот на туристичкото одморалиште Елените во Бугарија е откриена синоќа, изјави директорот на Регионалната дирекција на Министерството за внатрешни работи во Бургас, виш комесар Владимир Маринов.

БТА објави дека ситуацијата во одморалиштето Елените и поширокото подрачје на Бургас, во југоисточна Бугарија, полека се враќа во нормала.

 

Во невремето животот го загубија двајца спасувачи и еден граѓанин, кој во моментот на пристигнувањето на првиот голем бран се наоѓал во соба на приземјето од својата куќа.