Абиљ Бауш

Помина една година откако беше формирана новата влада на Република Северна Македонија. Триумфално влегоа во Владата со економски манифест што ветуваше „ренесанса на македонската економија“. Најавен беше раст на БДП од 5%, ревитализација на индустријата, намалување на јавниот долг, поддршка за домашното производство, и, секако, „подобар живот за сите“. Од говорниците се слушаа термини како „економски бум“, „нова македонска перспектива“ и „рационално трошење на јавните пари“. Но, само една година подоцна кога ќе ги тргнеме политичките пароли и ќе ги отвориме табелите со реалните податоци се чини дека единствен бум што го доживеавме е оној на популистичките мерки. Растот на БДП не само што не е 5%, туку и со тешка мака надминува 2%, инфлацијата тивко продолжува да ја демне секоја кошничка, а капиталните инвестиции остануваат само убави редови на хартија.

Наместо структурни реформи, добивме „празнични пакети“, еднократни субвенции и турбо кампањи со пари од унгарски кредити, кои се трошат со брзина на светлината ама без светлина на крајот од тунелот. Граѓаните добија циркус од економски мерки, но без вистинска представа. Речиси секоја економска прес-конференција изгледа како премиера на нова популистичка серија со ветувања во главна улога, а реализација во споредна. И сега, кога ги сумираме првите 365 дена на управување, се поставува прашањето: дали ова беше година на економска стабилизација, или само година на козметика, во која се лепеа фластерите на еден систем што крвари од сите страни? Ако ова е новиот економски модел, тогаш ќе ни требаат не реформи, туку чудо.

Иако владата најавуваше дека 2025 ќе биде година на економски пресврт, реалноста е значително поскромна. Според податоците на Државниот завод за статистика и Светска банка, растот на БДП во првиот квартал изнесува само 1,4%, со годишна проекција од 2,3%, што е далеку под ветеното ниво од 5%. Главниот носител на растот останува личната потрошувачка, додека индустриското производство бележи континуиран пад од 3,1%, што укажува на отсуство на јасна индустриска политика и неефикасност во привлекување нови инвестиции во продуктивни сектори. Истовремено, директните странски инвестиции се намалени за 18% во споредба со истиот период минатата година, како последица на слаба правна сигурност, административна инертност и нефункционална стратегија за иновации и технолошки развој. Понатаму, земјата апсорбира помалку од 30% од достапните средства преку ЕУ-фондови што е показател за институционална неподготвеност и слаба интерресорска координација.

Во доменот на јавните финансии, буџетот за 2025 година е проектиран со дефицит од 4,9% од БДП, што значи ново задолжување во износ над 540 милиони евра. Средствата се насочени претежно кон потрошувачки намени пензии, субвенции за струја и храна, и зголемени плати во јавната администрација додека капиталните инвестиции, клучни за долгорочен економски раст, бележат реализација од само 28% во првото полугодие. Овој дисбаланс меѓу тековни и развојни трошоци ја одразува слабата буџетска дисциплина и структурните слабости на фискалната политика. Дополнително, преку користење на унгарскиот кредит од 250 милиони евра, средствата беа алоцирани кон општини без економски анализи, јасни критериуми или транспарентни процедури, што упатува на клиентелистички пристап и партиска распределба на јавни ресурси наместо развојна стратегија.

На социјален план, владините мерки покажуваат ограничен ефект во амортизирање на инфлаторниот удар врз стандардот. Иако енергетската инфлација бележи забавување, цените на прехранбените производи пораснаа за 7,2% на годишно ниво, додека реалниот раст на платите во првата половина на 2025 година изнесува само 0,8%, што значи дека реалната куповна моќ останува стагнирана. Зголемувањето на минималната плата на 22.500 денари, без соодветно зголемување на продуктивноста, доведе до тензии кај малите и средни претпријатија, кои се соочуваат со зголемени трошоци за труд, сив економски притисок и ризик од затворање на работни места. Иако официјалната невработеност изнесува 11,3%, демографската реалност е нарушена од масовна емиграција и хроничен недостиг на квалификувана работна сила, што дополнително ја ослабнува економската основа на земјата.

За да се излезе од моменталната состојба на стагнација и фискален популизам, неопходен е пресврт кон модел на продуктивни инвестиции и структурни реформи. Владата мора да ја напушти праксата на краткорочни социјални трансфери без повратен ефект и да го пренасочи буџетот кон области кои создаваат економска вредност: инфраструктура, обновливи извори на енергија, дигитална трансформација и модернизација на образованието. Потребна е јасно дефинирана индустриска стратегија што ќе поддржи развој на стартапи, иновациски хабови, експортно ориентирани сектори и зелени технологии. Покрај тоа, јавната администрација мора итно да се реформира преку дигитални алатки, професионализација на администрацијата и воспоставување на механизми за мерење на резултати. Еден од клучните предизвици останува ниската искористеност на европските фондови за што е неопходна изградба на институционален капацитет и формирање на стручни тела за проекти со висок развоен потенцијал.

Истовремено, човечкиот капитал мора да стане централна точка на економската стратегија. Северна Македонија не може да гради економија на знаење без целосна синхронизација помеѓу образованието и пазарот на труд. Потребно е воведување на образовни програми кои одговараат на реалните економски барања, стимулирање на стручна едукација, како и развивање на механизми за задржување и враќање на таленти од дијаспората. Доколку овие чекори не бидат преземени веднаш, ризикуваме не само губење на темпото на економскиот развој, туку и целосно разградување на продуктивниот капацитет на државата. Времето за импровизација заврши следниот период мора да биде обележан со храбри, реформски и визионерски одлуки кои ќе ја трансформираат економијата од потрошувачка во економија на вредности, иновации и одржлив раст.