Новата година во Македонија ќе почне со нова влада и премиер. Такво уверување добиле помалите коалициони партнери од новиот мандатар Димитар Ковачевски, со кој денеска се среќаваа во владата, во присуство на актуелниот премиер Заев и вицепремиерот од ДУИ, Артан Груби, објави Телма.
Новиот владин кабинет треба да биде составен најдоцна до 15-ти јануари. На поединечните средби, наводно не се разговарало за кадровските решенија, туку за барањата на помалите партии, што треба да се најдат во владината програма. Претседателот на ЛДП, Горан Милески, кој е и министер за локална самоуправа, очекува тој и останатите кадри од ЛДП да останат на функциите. Ветено му е и дека, веднаш по изборот на владата, ќе им биде прифатено барањето за отворени листи за избор на советници и една изборна единица, но со праг.
Според Телма, Ковачевски прифатил и да се регулира пазарот и трговијата со криптовалути. Ќе се прифатат и измени на ЛДП во Законот за урбанистичко планирање, а ќе се вметне и нивниот проект за нова жичара и развој на туризмот на Пелистер. Договорено е и да се затвори процесот на фискалната децентрализација, и да се направат измени во законот за локална самоуправа.Неколку прашања не се усогласени, особено околу рамниот данок кој го бараат Либералдемократите, додека СДСМ сакаат прогресивен данок.За овие прашања Милески уште од сега најавил дека нема да дадат поддршка во Собранието.