Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, изјави денес на брифинг дека Македонија нема да го прати новиот амбасадор на државата во Русија, кој требало да замине на 15 март.
Ваквата одлука на министерот Османи е политичка и не е поврзана со апелот на нашето МНР сите граѓани на Македонија што се наоѓаат во Русија да се вратат, бидејќи може да се случи наскоро да не можат да го сторат тоа, поради забраните за летови во Русија.
Инаку, повеќе земји почнаа да ги протеруваат руските дипломати и да ги забрануваат руските пропагандни медиуми. Деновиве руската амбасада во земјава е многу активна на социјалните мрежи со оправдувања за „специјалната операција“ во Украина.
-Сите тие одлуки ќе ги носиме во координација со партнерите. Ако некој се сретне со рускиот амбасадор, тоа ќе биде само заради демарш, рече Османи.
-Нашата поддршка за Укирана не е само поради Укирана туку поради и наши принципи. Поддржувајќи ја Украина се поддржуваме и себе си. Затоа сум изненаден од жестината на поддршката во одредени кругови кон руската позиција во овој конфликт. Обидот за деградирање на нашата позицијата, иронизирање на нашата позиција, иронизирањето на поддршката на Украина со: „Што можете вие да поддржите, немате ништо како држава“. Тоа може нас да ни личи дека луѓето така коментираат, но тоа е поттикнато од одредени центри што сакаат да ја нарушат довербата во нашите институции. Вчера кога беше донесена одлука за помош имаше илјадници реакции: „Што вие ќе дадете“, „Ќе дадете играчки, бидејќи вие немате ништо“. Тоа е целта, да се наруши довербата кај Армијата, институција во која граѓаните имаат најголема доверба. Целата е таа, за да не се слушаат нашите пораки. Тоа е хибридната закана. Мислам дека е важно сите да се бориме против дезинформациите, чија улога е да се намали улогата на државата, рече Османи.
Тој брифираше и за ситуацијата на нашите граѓани извлечени од Украина и тие што се уште се таму.