Денеска најдобрата македонска репрезентација ќе го започне својот седми настап на Мундијалите, откако пристигна во Каиро (Египет) како прва замена после откажувањето на Чешка.
Нашата селекција предводена од селекторот Данило Брестовац вечерва од 20.30 часот во рамките од групата „Г“ ќе ги одмери силите против Шведска. Вчера се одигра првиот меч во групата во која домаќинот славеше против Чиле.
Кога сме кај стартот на светските шампионати, имаме многу добар учинок од пет победи и само еден пораз. Единствено загубивме во првото коло од групната фаза на СП во 2009 година во Вараждин (Хрватска) и тоа минимално од Тунис со 24:25.
Швеѓаните на маки: Два месеци се подготвувавме за Чешка, а сега ќе играме со Македонија
На нашето деби токму во Египет во 1999 година, каде што дебитираше и нашиот најискусен играч, единствениот од таа генерација кој и натаму е активен во сениорската репрезентација, 40-годишниот Кирил Лазаров, ја имавме првата мундијалска победа во Каиро против Саудиска Арабија (28:21).
Потоа, на СП 2013 во Севиља (Шпанија) со 30:28 го совладавме Чиле, две години подоцна во Лусаил (Катар) со 33:25 бевме подобри од Тунис.
Во 2017 година повторно игравме со Тунижаните во Мец (Франција), и тогаш ги преслушавме со 34:30. Во 2019 година во Минхен (Германија) со 38:29 триумфиравме против Јапонија.