Македонија е последната земја во Европа по бројот на обезбедени вакцини против ковид. Мапа заснована врз официјални податоци на СЗО, покажува дека државава во моментов има само 0,25% од вакцините или со други зборови, има дадено само една четвртина од вакцините на 100 жители.
„Вкупниот број на дози за вакцинација од 13 декември до 30 март администрирани на 100 лица за една доза, ја рангираат Северна Македонија на дното на списокот, каде пред неа се Молдавија, Црна Гора и Албанија.“
На глобално ниво, десетте најголеми земји ги откупиле дури 80% од сите вакцини. Но, нашата земја е рангирана високо на друга листа на европската десетка, онаа за смртноста од коронавирус. Во оваа база на податоци, С. Македонија е рангирана во Топ-10 европски земји по смртност на милион жители.
„С. Македонија достигна квота од 1.799 жртви на милион жители, рангирана на 10-то место по Италија, Велика Британија и други. Во последните 7 дена има 221 смртен случај.“
Податоците на нашите здравствени власти покажуваат дека третиот бран го достигнува врвот кој се очекува да трае и следната недела. Од Министерството за здравство велат дека ситуацијата е под контрола сè додека има слободни болнички капацитети.
„Во последните 24 часа, 77 нови пациенти се хоспитализирани во ковид центрите во Скопје поради компликации од корона вирусот. Во сите болници во земјава во моментов на болничко лекување се наоѓаат 1.581 пациент, а околу 260 кревети остануваат слободни“, велат од Министерство за здравство.
Од друга страна, во земјава се направени 295 тестови на илјада жители, при што 20,7% од тестираните биле позитивни. Од над 620.000 тестови, дијагностицирани се над 128.000 заразени, а над 106.000 се веќе излекувани. Бројот на активни случаи е 18.000, а половината од нив се во Скопје. Во Прилеп има над 1.000, додека во другите поголеми градови моментално се заразени од 500 до 800 лица.