Македонија меѓу најсиромашните земји во Европа. Според податоците на Евростат, земјава е трета најсиромашна во Европа. Зад нас се само Албанија и Босна и Херцеговина. Анализата на Евростат,покажува дека во нашата земја граѓаните купуваат најевтина храна, безалкохолни пијалоци и тутун од сите 27 држави во Европа. За основните потреби, плус цигари, на македонскиот граѓанин му се потребни 61 отсто од средствата на европскиот просек. Дека животниот стандард во државата е низок, неодамна во настап на ТВ 21 потврди и поранешната вицегувернерка на Народна Банка Маја Кадиевска Војновиќ.
„Македонија според животниот стандард мерен преку БДП по глава на жител и споредено со куповната моќ е околу 36 посто од европскиот просек. Што ја сврстува како земја со најнизок животен стандард. Сите индикатори на доверба укажуваат на многу ниска доверба на потрошувачите во услужниот сектор и во малопродажбата. Сето ова не дава некако надеж дека и во последниот квартал ќе имаме некое подобрување, напротив.“, вели Маја Кадиевска-Војновиќ.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, просечната нето плата изнесувала 27.899 денари. Од друга страна, според ДЗС месечно на едно семејство му се потребно околу 30 илјади денари за најосновните сретства.
Подготвени сме на различни сценарија со развојот на кризата, но не очекуваме ревидирање на државната каса пред првото полугодие од 2021 година, потенцира Заменик Министерот за Финасии, Димитар Ковачевски.
„Наша главна цел е на среден рок да го забрзување на економскиот раст од 2 до 2,5 проценти колку што беше во последната деценија, на 4 до 5 проценти просечен годишен раст на БДП во следните пет години.“, вели Димитар Ковачевски.
Војновиќ пак уште еднаш потсети на горливите проблеми. Додаде дека еден од поголемите проблеми е неоданочената или сива економија, ниските даночни стапки наспроти трошењата за пензии и други социјални потреби кои според неа се на многу високо ниво.
„Сите овие задолжувања, нови задолжувања, креираат каматни отплати. Само во 2021 со новиот буџет каматните отплати се 150 милиони евра. 150 милиони евра, треба камати да платиме, тие го намалуваат дискрециониот простор за домашната економија.“, вели Кадиевска-Војновиќ.
Исправени сме пред година полна со предизвици,подготвени сме на различни сценарија,порачуваат од власта. Инаку според последните статистики,земји со најголем БДП во Европа се Луксембург и Ирска, како и Швајцарија, Норвешка, Данска и Холандија.