Владимир Перев
Курбанот, или раѓањето на злото
Кодификацијата на македонскиот литературен јазик не е процес на еволуција или научни сознанија, туку процес на насилствено наложување на некаква полузатечена состојба во револуционерно и постреволуционерно време. Приказните за еволуциониот развој на македонскиот јазик и писменост, почнувајќи некаде од кај Лозарите па преку Крсте Мисирков, се до деновите на Илинден 1944 година се само приказни за простите македонци и глупавите бугари кои со години спорат за нешта кои не се случиле, прикажувајќи ги како факти. Нито Лозарите сакале да прават некаков нов, македонски јазик, ниту пак Мисирков воопшто знаел што говори, што пишува и што сака да каже. Само еден летимичен преглед на неговиот Дневник и другите му писма и писанија, пред нас отвораат фрустрирана личност со огромни амбиции и мали возможности, донкихотски палјачо, облечен во некаква револуционерна и квазинаучна облека. А заедно со Лозарите треба да се види Кузман Шапкарев и тогаш ќе се разбере дека борбата се води за кодификација на бугарскиот јазик, со сите свои богатства кои треба да се црпат од неговите дијалекти, просто речено, “јазик на сите и за сите, од Охрид до Црно море“.
Вистинската кодификација на македонскиот литературен јазик, неговото писмо и правопис се случува на 2 август 1944 година на манастирот “Св. Прохор Пчински“. Таа кодификација, тој јазик и правопис, нема ништо општо со тежнененијата на Лозарите, нито пак со заложбите на Мисирков. Тој јазик е тримуф на српската победничка политика на Балканите во двете балкански и двете светски војни, олицетворена во заложбите на двоецот Илија Гарашанин-Стојан Новаковиќ, а наложена со силата на српското оружје во Македонија. Составот на Јазичната комисија која ги решава овие прашања е добро познат на јавноста и во Македонија и во Бугарија, а најмногу е позната личноста на писателот, поетот и националниот конвертит Венко Марковски, орудие на лажливата бугарска, македонистичка и коминтерновска политика во Македонија. Не е на одмет да се потсетиме дека вистинскиот креатор на асномскиот јазик и писмо е студентот Блаже Конески, подоцна џиниот (или ако сакате, џуџето) од Небрегово, внукот на четничкиот србомански војвода Глигор Љаме Соколовиќ. Во сенката на настаните на манастирот Св. Прохор Пчински стојат личностите на двајца црногорски комунисти и познати насилници; едниот е сталинистот Радован Зоговиќ, а вториот е семоќниот Милован Ѓилас, кој минува низ повеќе фази на сопственото себепрепознавање. Прво е револуционер и сталинист, за потоа да стане демократ и дисидент; се раѓа како србин од Црна Гора, станува еден од заговорниците и основоположниците на посебноста на црногорската нација, за пред смртта да се откаже од неа со желба да умре како србин. Ова е мала утеха за нас, ама барем разбравме дека конвертитството и недоследноста не се само привилегија на македонците.
Шаренолико е “друштвото“ на Првото заседание на АСНОМ. Ги има секакви, некои се познаваат од порано, но некои се приопштени кон другите по лично барање на Методија Андонов – Ченто, кој имал намера во АСНОМ да приклучи и дејци на старата, автономистичка ВМРО. Така, по покана на Ченто, на заседанието присуствува и стариот, за нас релативно непознат револуционер Трајко Чундев. Роден е во 1896 година во село Подлес, Велешко. Има брилијантна револуционерна биографија, подкрепена со беспрекорниот карактер и личната чесност. Припадник е на атономистичката ВМРО на Тодор Александров, емигрант во Бугарија, татко му Стојан е убиен од српските четници, а тој е еден од основачите на БЦРК во Македонија во април 1941 година.
Наместо да му препорача да бега некаде надвор од југословенската територија, Ченто го кани него, заедно со Јордан Чкатров да дојдат на АСНОМ. Тоа ја запечатува нивната судбина, Ченто ги има и двајцата на душата, ама треба да се каже дека во тие моменти и тој самиот не знаел каде се наоѓа, толкави му биле капацитетите.
Чундев активно учествува во дискусиите околу македонскиот јазик, за сето што се случува води сопствен дневник и таму може да се види и следнава забелешка: “Српските букви се симбол на најцрното 20-годишно српско робство и на адската тиранија во Македонија!“
Во својот дневник, меѓу другото ќе запише: “Со својата тврдоглава упорност, спазувајќи ги добиените напатствија од своите претпоставени српски агенти, Конески силно се бори за воведување на Вуковата азбука во Македонија. Тие отворени просрпски дејности тој ги има и подоцна-за време на Првата јазична комисија (27.11. – 4.12.1944 година) ама без успех. А во втората јазична комисија (15.2-15.3.1945 година) тој веќе успева целосно да ги наложи.“
Исто така ќе напише: Еден студент, србоман од Прилеп, Блаже Конески, настојува српската азбука целосно да се прифати во Македонија. Или е будала, или некој стои зад него…“ Сето ова не останува само запишано, ами истото тој и отворено го искажува. Поради овие свои ставови околу кодифицирањето на македонскиот јазик, по наредба на УДБ-а отворен е судски процес против него, осуден е на смрет и стрелан помеѓу 20 и 24 ноември 1948 година на, до денес непознато место во Скопје.
Обвинител на судскиот процес е познатиот на сите нас Лазар Мојсов, а како доказ се изјавите на свидетели и извадоци од Дневникот. Лазо Мојсов, по затворањето на процесот вели дека “обвинетиот Чундев самиот си ја определил судбината, затоа што не се покајал за решеното или напишаното, нито во еден момент.“
Така револуционерот и чесниот човек Трајко Чундев станува првата жртва на наложената србизација на македонскиот јазик, предвесникот на српскиот јазичен империјализам…неговата глава е курбанот вграден во темелите на лажната македонистичка верзија на сопствениот јазик и писменост.
Трулежот на титовизмот и почетокот на трагедијата
И двете Југославии, и онаа кралската и другата Титовата, се направени од насилни, култни личности и со силна асистенција на помешаните интереси и на западните, и на источната велесила. Кралската Југославија почна да се распаѓа по смртта на крал Александар Караѓорѓевиќ за конечниот крај да го доживее во Втората светска војна. Титовата Југославија живееше подолго, меѓународните односи во Европа и светот беа стабилни, но неминовноста на нејзиниот крај беше предречена…насилството, духовно но и физичко врз југословенските народи не можеше да остане неказнето. Човечки е само да жалиме за огромниот број жртви, за геноцидот на нејзината територија и за несреќните раселени лица. Југославија немала мирен период на живеење. Прво беше Информбирото и Голи Оток, потоа дојдоа проблемите со Милован Ѓилас и прозападната ориентација на мал дел на југословенските интелектуалци, потоа дојде пресметката со “советското крило“ во полицијата, олицетвороено во Александар Ранковиќ, потоа студентските демонстрации во 1968 година, за конечно, периодот на либерализмот во периодот 1968-1972 година, да го зададе последниот удар на творбата Југославија. Сето што доаѓаше потоа, беше само една агонија на умирање и трулеж. Земјата опстојуваше само со странски кредити свесно фрлени во непродуктивни инвестиции. За целиот овој период, српскиот национализам остана константа во политиката на Белград, без разлика дали е федерален или само српски. Дури стана и посилен.
Први кои посочија дека Југославија ќе умре со Тито, беа емигрантските организации и нивните списанија. Српските четнички организации и списанија, како “Српска народна одбрана“ од Чикаго, “Српска мисао“ од Мелбурн, Австралија, организацијата Хрватски ослободилачки покрет (ХОП), гласилото “Порука слободне Далмације“, четничкиот српски “Наша реч“ од Лондон и многу други, уште од крајот на шеесетите години на 20. век отворено говореа за распадот на земјата по смртта на Тито, толку посакувана меѓу емиграцијата. Списанието на македоно-бугарската емиграција во САД, Канада, Бразил и други земји, “Македонска трибуна“ издавано уште од 1922 година во Форт Вејн, Индијана, САД, отворено говореше за неможноста Југославија да опстане. Смртта на Тито не промени ништо. Веќе беше јасно дека трагедијата е почната, актерите беа во игра и секој убедливо ја бранеше својата позиција.
Српските националисти знаеја дека нема да можат да се одржат на нивото на целата држава, дека распадот е неминовен, но дека веројатно единството на српско-хрватскиот јазик ќе може да одржува некаков баланс во односите меѓу тие народи. За таа цел, структурите на УДБ-а во Белград започнаа вистински лов на емигрантите низ цела Европа, со цел да стивне гласот на заговорниците на распадот на системот и државата. Една од жртвите во тоа време беше и пребеганиот југословенски стопанственик Стјепан Ѓурековиќ, хрват по националност, кој беше убиен во Германија по налог на УДБ-а. Ѓурековиќ беше општественик, писател, публицист и припадник на СКЈ/КПЈ уште од најраната младост. Разоткрива финансиски махинации на највисокиот круг хрватски комунисти, пребегува во Германија, каде е убиен 19б3 година од агентите на УДБ-а, а со согласност на највисокото хрватско партиско раководство. Неговиот син Дамир, исто така е пронајден мртов во својот дом во Калгари, Канада во 1987 година, каде пребегал да се сокрие од одмаздата на сесилната југословенска државна безбедност. Европа немо ја гледаше разврската меѓу Југославија и нејзината демократски ориентирана емиграција, не презеде ништо, во очекување на расплетот од кој сигурно, самата Европа беше добитничката страна.
Западните сили отворено сугерираа дека е нужна слобода за Словенија и Хрватска, а србите беа посоветувани да се ориентираат кон југ, кон конечното освојување на Македонија во духовната смисла на зборот, кон приближување на српските интереси до грчката граница и градењето на единствен став кон Македонија, но и кон Бугарија, ако евентуално се случат посериозни политички промени на европската карта. Бугарија е емотивната болка на српските националисти. Свесни дека не можат да излезат на Солун, блокирани кон Загреб, нивните погледи се упатени кон Варна и Бургас, со желби за пропаст на бугарската држава и претопувањето на бугарите во некаквии недефинирани двојазични србобугари, нешто делимично успешно промовирано во Западните покраини. Со Мајскиот преврат во 1934 година Белград се обиде да ја урне бугарската држава, но штетата беше мала, пострада само михајловистичкото ВМРО. Де факто, ударот успеа само да го пасивизира македонското население и неговата свест за сопственото етничко бугарско потекло.
Во Белград е веќе јасно дека Србија не може да е во федерација преку која ќе раководи со народите во СФРЈ, па затоа определбата е да биде сопствена држава, империја која ќе воведе насилен физички, но пред се, специјално во Македонија, своевиден културен империјализам. За таа цел, Белград ги придвижува старите србоманско – југословенски лостови, олицетворени низ познати лица од науката и културата.
За да опстои “македонизмот“, да живее “билингвализмот“!?
Македонскиот јазик во осумдесетите години беше прифатен како единствената татковина на македонецот, единственото нешто што го разликуваше од другите југословенски народи, но најважното е дека беше конструиран и инструиран најмногу да се разликува од бугарскиот…барем тоа беше приказната. Истовремено, публикациите и списанијата од српско-хрватското подрачје слободно циркулираа низ Македонија, а ТВ програмите на југословенските студија беа пренесувани најчесто без превод. Грижата за македонскиот јазик и писменост беше само декларативна. Малубројната македонска нација, со јазик кој сеуште беше низ фазата на сопствените лутања во формирањето на автентичниот свој израз, беше во неможност да се спротистави на притисокот и влијанието на огромната 16 милионска маса на српскохрватскиот јазичен блок.
Експлозијата се случи на 08.06.1988 година, кога дневниот официоз “Нова Македонија“ во својот подлисток ЛИК-за култура и уметност, го објави интервјуто на својот соработник, новинарот, поет и писател Бранко Цветковски, со еминентниот македонски филолог и специјалист за македонски јазик, Трајко Стаматоски.
Трајко Стаматоски (Скопје 6 мај 1925 г. – Скопје 2 април 2021 год.) се до својата смрт важеше за еден од основоположниците на македонскиот јазик, писмо и правопис, како и најверен соработник и последовател на Блаже Конески. Во богатото со факти и позиции интервју, секогаш загрижениот за чистотата на јазикот, новинарот Бранко Цветковски, постави прашање околу зловредното влијание на српско-хрватското јазично подрачје врз македонскиот јазик, како и неговиот впечаток дека “стануваме билингвална нација“, како и за “отстапувањата на јазикот кај својот народ и на својата почва(!)“
Одговорот беше неочекуван и чудовишен. Студено и без емоции, Трајко Стаматоски ја искажа мислата дека “Не гледам ништо лошо во тоа што стануваме билингвална нација. И нашите татковци и дедовци биле билингвални, па го сочувале својот јазик…“, заборавајќи да напомене со кои јазици нашите претци биле билингвални.
Шокот не траеше долго, за веќе во следниот број да одговори писателот Душко Наневски, бранејќи го својот јазик како единствена форма на израз на неговото македонство и неговата Македонија. Потоа следеше лавина од реакции во секој број на подлистокот ЛИК, а во битката се вмешаа и странски филолози-македонисти, бранејќи ги сопствените јазични позиции пред налетот на србоманството на Стаматоски, наследено и прикриено уште од времето на семоќниот Блаже Конески. Со свои текстови се јавија Слободан Чашуле, Волф Ошлис, Мето Јовановски, Ефтим Клетников, Анте Поповски, Гане Тодоровски, одново Душко Наневски, па одново Слободан Чашуле и ред други. Весникот ја затвори расправата на 09. 11. 1988 година, за потоа таа да продолжи уште извесен период низ скопските кафеани. Во прилог на вистината треба да се каже дека сите автори, освен Слободан Чашуле кој делимично ја поддржуваше тезата за билингвализмот, сите други застанаа против Стаматоски и неговата теорија.
Речи си истовремено, некаков непознат, мрачен антураж околу Стаматовски промовираше и “македонска латиница“ која требаше да ги задржи и кириличните букви воведени на АСНОМ од Блаже Конески. Таа латинична кирилица, никаде потврдена, беше воведена и во првите пасоши на самостојната македонска држава, па цели делегации новинари и политичари остануваа како “гуски во магла“ низ аеродромите ширум светот, бидејќи таа азбука не можеше да биде расчитана од уредите во Америка, Канада, Британија и секаде по западниот, латиничен свет.
Овие настани остана малку подзаборавени во светлината на воените собитија кај нас во СФРЈ по 1991 година, но неочекувано, еден напис во весникот на македоно-бугарската емиграција, органот на МПО “Македонска трибуна“ изненади со, навидум закаснета и необична реакција.
МПО и “Македонска трибуна“ во “промоција“ на македонскиот јазик!?
Некаде во периодот 1991-92 година, органот на Македонската патриотическа организација од САД и Канада, “Македонска трибуна“ излезе со два навидум нејасни написи за односите на македонскиот и бугарскиот јазик.
Во еден ист број, на по цела една страница се појавија два написи за “македонското јазично прашање“. Едната статија беше на членот на редакцијата на Трибуна, Марија Цакова, по потекло од Банско, Бугарија, а втората статија беше од Зоја Барт, родена Василева, од Богданци, Македонија. Првата статија ги бранеше позициите и традициите на бугарскиот јазик во весникот, а втората, на Зоја Барт, ја бранеше позицијата на современиот македонски јазик. За прв пат во историјата на весникот, на Зоја Барт и беше дозволено да пишува на македонската кирилица, која навредливо беше нарекувана коневица. Двете опречни статии предизвикаа различни размисли, па во мојата наредна посета на Форт Вејн, на гости во домот на Иван Лебамов (1932-2006г.)тогашен председател на МПО и главен уредник на весникот, замолив за мало објаснување. Седнати во дворот, со чашките во раце, Лебамов ја почна долгата приказна, повремено прекинуван од мене.
Види ваму, ми вели тој, ти сигурно се сеќаваш кога вие таму сакавте да ја направите Македонија билингвална нација и држава, па едвам се измолкнавте од заблудата. Така е, реплицирам јас, ама тоа и не е така страшно, па јас и самиот сум билингвален-на српски и македонски, даже подобар сум во српскиот. Јас пак сум квадрилингвален, возвраќа иронично Лебамов, ама тоа воопшто не е важно за единката, важна е државата, во овие моменти таа треба да се сочува, а тоа најмногу преку јазикот. Србија е империјална сила, но ќе ја загуби војната и тоа со тешки последици, но ќе се сочува империјалниот модел. Вие ќе останете самостојни и нормално е дека ќе треба да се опрете на Бугарија. Тоа го знаат и србите, па на секој начин се борат да ве внедрат во нивниот јазичен опсег. Така, преку вас, билингвалните србомакедонци, како и преку асоцијациите за човекови права, ќе навлезат во бугарските јазични и етнички пространства. Ние и бугарите, ако не сме браќа, тогаш сигурно сме први братучеди, говориме еден јазик, и во новите односи на Балканот, вие не смеете да влезете во бугарскиот јазичен периметар како билингвална нација. Ќе се смешате со нив и ќе им го предадете и отровното семе на српскиот јазичен спецификум, кој ќе доведе и до национално раслојување во самото бугарско општество. Бугарската страна може да ве прифати како македонци со бугарски етнички корени, но никогаш како јазично билингвални србомакедонци. Зоја Барт не го бранеше само македонскиот јазик и македонизмот, таа воедно и го елиминираше билингвализмот и јазичното српство, како тела туѓи на македонското битие. Тоа беше мојата намера. Бидете што сакате, но не заборавете дека сте први роднини со бугарите и никогаш не заборавете за злосторите кои грците и србите ги нанесоа на нашиот народ. Да се памети и да се внимава, за да не се повтори.
Во годините кои следеа, се до неговата смрт, речи си два пати годишно бев гостин во домот на Иван Лебамов и секогаш, буквално секогаш се говореше за единството на македонскиот и бугарскиот народ, како и за јазичното единство на двата поделени дела.
Ослободување од илузиите, почит кон мачениците
Денес, во овие матни времиња, често се сеќавам на дискусиите со него. Ветото ја замрзна Македонија и ги развеа надежите за “светла“ иднина на македонскиот народ. Но, истовремено ги отвори и процесите на сопственото преиспитување, за македонското минато и историја, како и за патот кон иднината. Глупави се приказните за некаква омраза, народите никогаш не можат да се мразат, тоа е чувство на поединецот или на простачки групи составени од платеници на туѓа идеја. Лудилото дека ние македонците говориме на македонски јазик од пред 30 илјади години, или дека сме ја пронашле Америка три илјади години пред Колумбо, е израз на сопствената ментална блокада да ја прифатиме скромната ролја во совремната историја. Бугарија јасно ја прифаќа тезата дека ние сме посебна нација со свој јазик, но само од АСНОМ наваму, како млада и современа нација, заснована на бугарските етнички и јазични корени. Се друго е наша илузија, како што е илузија и помислата дека дадените жртви за бугарската кауза во Македонија ќе бидат заборавени. Допрва следува времето кога ќе почнат поимено да се споменуваат сите паднати и убиени од комунистичките главорези или српската полиција, за светото дело на единството на еден народ. Стари и изветвени се мислите на поединци дека одново може да се воспостави некакво српско-македонско “братство-единство“. Тоа беше стерилната идеја на Југославија, но таква држава веќе нема…сега доде времето на Бугарија!
Предсмртните пораки на Иван Лебамов за сочувување на јазичните традиции и единството, не смеат да бидат одминати или пренбрегнати. Преку сеќавањата и почитта кон Трајко Чундев, нашиот светец-првомаченик за чистотата на нашиот јазик и револуција, водат патиштата кон европската иднина. Сѐ друго е само илузија и безпотребно изгубено време и достоинство!