Министерството за финансии информираше дека Република Северна Македонија го задржала кредитниот рејтинг „ББ+“ со негативен изглед во најновиот извештај на Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“. Според министерството, тоа е резултат на спроведувањето добри политики на владеење, кредибилна и кохерентна макроекономска и финансиска политика конзистентна со долго одржуваниот фиксен девизен курс.
„За Република Северна Македонија е особено значајно што кредитниот рејтинг кој е резултат на спроведувањето на добрите политики е задржан во услови на големо влијание од глобалната ценовна и енергетска криза“, наведуваат од министерството.
„Фич“ во извештајот наведува дека почетокот на интегративниот процес со ЕУ ќе ја зацврсти политиката, ќе го поддржи извозот и приливот на странски директни инвестиции, со што ќе се избалансираат негативните влијанија од конфликтот во Украина.
Агенцијата предвидува растот на економијата да забрза и да достигне 3,2 проценти од БДП во 2024 година. Оттаму очекуваат и зголемување на странските директни инвестиции до 4 отсто од БДП во 2022 година поради континуираните инвестиции во енергетскиот и автомобилскиот сектор.