Македонија ќе ја продолжи комуникацијата со Бугарија за да најде  решение во духот на пријателството, истакна премиерот Зоран Заев. Според него, важно е каква историја ќе пишуваме денес и по што ќе ги паметат новите генерации сегашните политичари.

Поддршка за процесот продолжи да доаѓа и од Германија. Директорката за Југоисточна Европа, Турција и државите од ЕФТА во германското Министерство за надворешни работи Сузане Шиц истакна дека разговорите мора да продолжат наредната година, со акцент дека за билатералните прашања, особено историските разлики, нема место во процесот на проширување. Таа нагласува дека приближувањето на Западниот Балкан кон ЕУ е стратешки важна одлука за регионот, но и за Унијата, па затоа тоа беше еден од приоритетите на претседавањето на Германија со блокот. Но, Шиц  изразува разочарување поради тоа што и покрај „навистина интензивната работа”, Бугарија и Македонија не најдоа компромис, потенцирајќи дека не смее да се заборави дека оти оваа година земјава стана членка на НАТО.

– Во случајот со Северна Македонија, за жал, не е можно Бугарија да се увери да даде согласност. Но, и Северна Македонија имаше црвени линии преку кои не можеше да се премине. Сега разговорите мора да се продолжат наредната година. Притоа, постојано стававме јасно до знаење дека билатералните прашања, особено историските разлики, немаат место во процесот на проширување. Затоа и пледиравме прашањата кои се однесуваат на заедничката историја да се дискутираат во Комисијата на историчари која ја создадоа двете држави во рамките на Договорот за пријателство. Конечно, и Бугарија сака Северна Македонија да може да се приклучи во ЕУ, потенцира Шиц.

Премиерот Заев вчера изјави дека разговорите мора да продолжат во духот на пријателството, добрососедството и градењето подобри односи.

– Многу е важно што правиме со таа историја што денеска ја пишуваме. Дали после 20 години овие деца денеска родени коишто ќе станат возрасни луѓе после 20 години ќе им оставиме траг дека Борисов и Заев не успеале да го решат проблемот, дека ги разделиле народите коишто треба да бидат заедно во ЕУ, да бидат големи пријатели, да соработуваат повеќе, да отвораат економски перспективи, да спортуваат заедно, да има спортски натпревари, културни манифестации и се што друго што постои. Тоа е нели нашата аспирација да бидеме дел од ЕУ на отворени граници каде што дополнително ќе го јакнеме економскиот стандард на целиот наш народ – рече Заев во емисијата „Само интервју”, на телевизија Канал 5.

Нагласи дека целта била со Бугарите да станеме браќа и нашите чекори биле во таа насока.

– Многу често сум употребувал мој наратив заради искрената потреба да имаме одлична соработка, најдобро пријателство и се, дека ние сме браќа, треба да градиме пријателство, но наеднаш решија татковци да ни станат и тука е проблемот. Така што, обидувајќи се да градите братство, наеднаш решија нашите пријатели да ни станат татко – изјави Заев.

Премиерот е уверен дека главна причина за ваквиот настап на Бугарија со ставањето вето и реториката што ја имаат одредени официјални претставници се изборите.

Пред изборите ние политичарите, не кажувам само за Бугарија, и за Македонија сме нерационални и навистина некогаш не знаеме и какви одлуки носиме. Јас многу често кажував не можам во суштина да сфатам што е проблемот. Значи, јас не гледам проблем овде. Проблемот, сите знаат, тоа транспарентно се водеше, почна од долгото и краткото име, дали Република Северна Македонија е исто со Северна Македонија оти Северна Македонија постоела како можност да има територијални аспирации према Бугарија. Секако дека нема територијални аспирации кон Бугарија. Ние сме пријателски народ и ние градиме пријателство насекаде и тоа ни е докажано. И тоа го решивме. Во НАТО како го решивме? Со нота го решивме дека Северна Македонија е исто што е Република Северна Македонија и таа нема никакви територијални претенции према Бугарија, ниту кон која било од соседните земји и секако на тој начин потврдивме дека и Северна Македонија се однесува на политичкиот субјект, на државата Република Северна Македонија – истакна Заев.

Заедничка историја, додаде, има не само Република Северна Македонија со Република Бугарија. Заедничка историја има целиот Балкан, заедничка историја има цела Европа.

– Не е заедничка ако е бугарска, не е заедничка ако е македонска. Заедничка е кога истовремено е и македонска и бугарска – истакна премиерот Заев.

Со ставот на Заев дека на однесувањето на Бугарија делумно влијание имаат претстојните избори се согласува и лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

– Бугарија до изборите, до месец април, ќе тренира жестокост врз нас и нашата земја. Така што од прилика таа стратегија е јасна како ден и се гледа, рече вчера Мицкоски.

Но, не се согласува дека разговорите со Бугарија треба да продолжат и во иднина.

– Апсолутно би ги напуштил преговорите и би го напуштил самиот договор, бидејќи ваквиот договор не нуди решение, туку создава дополнителни проблеми. Замислете што ќе се случува  во регионот во иднина кога ќе треба и другите земји да стануваат земји-членки на ЕУ. Зарем вака ќе се уценуваме? – истакна Мицкоски.

Според него, ако услов за договор се хегемонистичките и големодржавните барања на Бугарија, Заев треба да престане да преговара.