Деградираните институции – лишени од знаење и одговорност, како и планетарната корупција која се претвори во „најпрестижна дејност“, се главната причина за претворањето на Македонија во една голема надземна септичка јама. Со вадење пиштоли на маса, со разни видови закани за одмазда, се изнудуваат најблагоугодни привилегии – чиниш ја живееме добата на најбруталната и најпримитивната првобитна акумулација од историјата на човештвото. Ова го вели Петар Гошев, поранешен министер за финансии и поранешен гувернер на НБРМ. Искусниот економист за Дојче Веле ги сподели неговите ставови за актуелните економски предизвици со кои е соочена земјата. Дел од нив се резултат на екстерни шокови, но останатите ги смета за резултат на повеќедецениско отсуство на соодветни домашни политики.
ДВ: Само пред неколку месеци се надевавме на пресвртна точка, по што економијата ќе тргне по нагорна линија, но пандемијата ја заменија други тешки проблеми. Имаме ли капацитет да се справиме со нив?
Петар Гошев: Не се исполнија очекувањата дека со ставањето под контрола на пандемијата, економијата повторно ќе ја фати нагорната линија и дека инфлацијата ќе се смири. Напротив, на светската економија, или на онаа во најразвиениот дел од светот, повторно ѝ се заканува состојбата од седумдесеттите години на минатиот век, означена со терминот „стагфлација“ – застој или пад на економската активност, проследен истовремено со поголем или помал раст на цените.
Во случајов, мислам на раст на цените кај најразвиените земји кој е највисок во последните 40 години, близу толку, околу 35 години, и во Македонија, а ќе видиме дали ќе се случи и истовремен пад на економската активност и во колку држави. Причината за тоа е јасна: бруталната инвазија на Русија врз Украина, која дополнително ги поремети не само транспортните синџири за снабдување на пазарите во светот, туку и директно влијаеше на уште поголемото зголемување на јазот помеѓу понудата/произведеното и побарувачката на двете главни групи на производи – енергенсите и храната. Земјите со повисок степен на „самодоволност“, кои се помалку зависни од увоз и извоз на стоки и услуги, како и оние со поголем фискален капацитет, полесно ги амортизираат ударите од секоја, па и од оваа криза, во споредба со други далеку поотворени увозно-извозни економии, каква што е, на пример, и Македонија. Меѓутоа, високата зависност од стоки и услуги од увоз, вклучително и од енергенси и храна, не е произлезена (барем не кај сите земји) од некоја географска хендикепираност. Или пак, кога станува збор за драматично руиниран фискален капацитет на една држава. Во некои земји политичките гарнитури, како и во нашата, мора многу упорно и подолго време да „вложувале напори“ за да ги доведат нивните земји во таква положба.
Што најмногу ја отсликува таа неповолна положба, на која укажувате?
Во Македонија повеќе од четири децении не е изграден енергетски капацитет (занемарливи се Козјак и Света Петка) што значи дека толку децении е зголемувана нашата енергетска ранливост и зависност од увоз. И не само што не е одржувано и зголемувано производството на електрична енергија, туку, само од 2010 година наваму е намалено за речиси една третина. Исто толку децении, поради отсуство на соодветни политики ја имаме зголемувано и зависноста на земјата од увоз на храна, независно од тоа што во последните десетина години се исплатени над една милијарда евра на име земјоделски субвенции. Воопшто не помогна ни тоа што безброј пати сме говореле дека енергијата и храната се безбедносни прашања од највисок ред, како ни постојаните укажувања од некои поединци – меѓу нив и мојата маленкост, дека фискалната политика секогаш мора да има простор за одговор кога економијата непланирано ќе ја погодат некои интерни или екстерни шокови. Ништо од сето тоа, како и историјата на бројни примери за масовно гладување во светот не допре до „тврдите уши“ на одговорните гарнитури во нашата држава.
Многупати беше поставувано прашањето: како е можно јавниот долг од 2008 до 2022 година да биде зголемен од 23% на близу 60% од БДП, а дефицитите во посочените сектори (енергија и храна) и девастацијата на јавното здравство, образованието и патната инфраструктура да стигнат до денешениот степен?
Па, еве како е можно, да повториме, зашто и тоа не е непознато. Македонија во последните 32 години нема ни годишни, ни среднорочни, ни долгорочни планови за ниту една важна област. Одвреме-навреме, под притисок на странците ќе се произведеше по некој материјал – „хартија што трпи сé” со злоупотреба на зборот „стратегија“, но тоа главно имаше и има важност до завршувањето на прес-конференција на која се обзнанува важноста на „хартијата“ и направената „фотка“’ за овековечување на ликот на случајните функционери. Македонија, односно гарнитурите што се менуваат на власт во трите изминати децении, не се бавеа со „дисциплината“ управување со макроекономските ризици, како и со прашањето на одделните секторски структурни дефицити во стопанството, освен кога за време на кратките посети на експерти од меѓународни институции станувало збор за тоа. Но тоа завршувало само како запознавање со важноста на таа тематика, и запомнато до моментот на траење на средбата со наведените. Македонската власт во континуитет не гради институции. Разградува. Нашиот систем во суштина е „систем свој човек“. Го немаш ли, тешко ти се пишува. Деградираните институции – лишени од знаење и одговорност, како и планетарната корупција која се претвори во „најпрестижна дејност“, се главната причина за претворањето на Македонија во една голема надземна септичка јама. Со вадење пиштоли на маса, со разни видови закани за одмазда, се изнудуваат најблагоугодни привилегии – чиниш ја живееме добата на најбруталната и најпримитивната првобитна акумулација од историјата на човештвото. Нашиот Левијатан е сосема издишан. Веќе не се знае што е фукција на највисоката држава, што на локалната власт, што е јавен домен, што приватен. Судовите сé помалку се место на раздавање на правото и правдата. Се претворија во кванташки пазар, каде сѐ зависи од случај до случај, од понудената откупнина за злоделото, каде со пари и позиција може да се добие сé, освен да се стигне до правдата. Монополот на примена на сила сѐ повеќе се истргнува од рацете на државата, се пренесува или узурпира од разни поединци и групи од другата страна на законот.
Во Македонија нема партиски плурализам. Има конкуренција на олигархии. Постоењето на конкурентски партии подразбира постоење на различни политички програми. На олигархиите не им се својствени политичките програми. Нив ги интересира само присвојувањето на националното богатство и јавните пари, ги интересира спиралата пари-моќ-пари и јавното добро час поскоро да стане приватно.
Во таков амбиент, може ли земјата да се справи со тековните предизвици, меѓу кои и инфлацијата?
Таа стана независна варијабла од домашните институции. Народната банка може да ја скроти, но само по неприфатлива цена, зашто таа може да делува врз побарувачката, но не и врз понудата, а овојпат се работи за тоа – за осакатената понуда од светските џандари и од нашата исчезнувачка држава. Па така, како што комунистите во првата половина на минатиот век чекале секоја вечер да слушнат на радио дека капитализмот пропаднал, ние треба да чекаме вести дека цените на светските пазари се смириле, зашто Русија престанала да војува со Украина, зашто пандемијата веќе не ги попречува економските активности на нашите снабдувачи со енергија и храна, зашто се надеваме дека Америка и Кина нема да ја компликуваат ситуацијата… И сето тоа што е спомнато да се смири, ние сега ќе ја платиме цената од залудно арчените и безочно ограбуваните јавни пари на државно и локално ниво, зашто заврши ерата на евтини пари за позајмување, но не заврши нашата голема зависност од зајмувањето кредити, не само за инвестирање, туку и за одржување каков таков социјален мир според дефиницијата „преживување“.
Владата најави реформи со кои ќе се зголеми даночната основа и веќе ги доби првите негативни реакции од бизнис заедницата. Сметате ли дека најавениот предлог нуди поправичен и пофер пристап?
Оваа влада дојде со многу ветувања. Меѓу нив беше и ветувањето за реформа на даночниот систем, за поправичен и пофер од досегашниот, кој зафаќа повеќе од сиромашните, наместо од богатите, кој всушност е регресивен. А поправичен може да биде само ако се воведеше значително прогресивно оданочување. Започна во тој правец, на начин „да не ги боли многу“ даночните обврзници. Олигарсите го урнаа и тој почеток за само шест месеци. Потоа овозможи масовно ограбување на сиромашните преку приватното здравство и некои други дејности. Не покажа никаков рефлекс за интервенција (барем индиректна) на порастот на цените на становите, гледајќи мирно – повторно во интерес на градежната мафија – како таа прави екстра профити и го доуништува животниот простор, создавајќи потенцијални услови за станбен меур, со сите ризици. И, откако ги пропушти сите поволни периоди за даночна реформа, сега, испаничена од дупките во буџетот, по којзнае кој пат, ја најави истата. Но, ни кажа дека „најверојатно нема да има воведување на прогресивно оданочување“ што ќе го „провереле преку јавната дискусија со даночните обврзници“. Како и досега. Од најавата на можните „новини“, се гледа дека поворно се нуди некаква козметика и тоа не во погоден момент. Моето мислење е дека подмитените не можат да им наметнат даночен систем раководен од јавен интерес, на подмитувачите, на своите клиенти или на своите бизнис партнери.
Нѐ чека тешка зима. Дефицитите на јавниот сектор се огромни. Структурните слабости се несовладливи дури и на среден рок. Зависноста од надворешните шокови е непремостлива. Администрацијата е онемоќена, претворена во голем хендикеп за економскиот развиток. Потврда – дека последиците од злосторството најчесто го надживуваат злосторникот.
Интервјуто е преземено од Дојче Веле