Ракометната репрезентација на Македонија има реални шанси да настапи на Светското првенство во Египет.

ИХФ ги постави ракометарите за прва резерва доколку некоја репрезентација биде принудена да го откаже настапот поради коронавирусот.

Откако вчера беше одложен натреварот помеѓу Црна Гора и Шведска поради позитивен тест и карантинот во кој се наоѓаат шведските ракометари, денеска „нова надеж“ дека избраниците на селекторот Данило Брестовац ќе настапат во Египет, дава случајот со Чешка.

Имено, на последното тестирање во чешката репрезентација дури осум ракометари се позитивни на коронавирус, како и селекторскиот тандем Кубеш-Филип. Се чекаат резултатите од новите тестови и повикот на нови ракометари, пред да се донесе одлука дали тие ќе настапат на Мундијалот во Египет.

Поради пандемијата на коронавирус, ИХФ одреди дури шест резерви доколку некоја селекција биде принудена да го откаже учеството на СП во Египет, а прва на листата е токму Македонија.