ЏАБИР ДЕРАЛА
Во оваа земја, Македонија, сѐ се цени и почитува. Бескрајно се обожува секој детал од сѐ што ги опкружува луѓето, како во сегашноста, така и во минатото и во иднината. Ова е како земја од бајките на Дизниленд, каде што луѓето, како џуџињата на Снежана, од утро до мрак, вредно работат и пеат. Со таа разлика што кај нас нема ниту една зла вештерка да ја „забибери“ бајката. Само почит и многу работа.
Погледнете како луѓето во Македонија ги ценат дури и патиштата. Особено автопатите. На некои 320 км автопат има 26 патарини во двата правци (просек: на секои 12 км). Тоа е вистинска почит за патиштата. Без оглед на тоа какви се, колку дупки има на нив, колку бавно се поправаат (поради надворешните и внатрешните непријатели, вишите сили и желките од Галапагос) – патарини се наплаќаат. Тоа е вистински патриотизам. И цената на патарините е патриотска. Ако за жителите на оваа небесна земја патарината е 40 денари, за странците е 61 и нешто денари (€ 1), ако е 60 за нас, за нив е 90 и кусур (€ 1,5).
Само за споредба. Германија има 13.192 км автопат и наплаќа патарини само за возила потешки од 7,5 тони. Никаква почит, срамота за Германците.
Политичарите се ценети и почитувани до бескрај. Што и да (не) направат, тие се наградени, на најразлични начини, од плати и привилегии, до различни видови амнестии и други награди за стореното. Дури и кај Папата носат некои од нив, на баци рака и шопинг во сувенирницата на Ватикан.
Да не ги заборавиме малцинствата. Тоа никако! Малцинствата, што и да се подразбира под тој поим, сеедно, уживаат посебна почит во ова општество. На пример, хомосексуалците се дел од секој политички концепт, но и верски, па и кафански. Во оваа исконска земја, малцинствата се толку почитувани, што дури и оние што се мнозинство, општеството се труди да ги претвори во малцинство – како жените, на пример.
Понатаму, постои голема почит и сплотеност меѓу етничките заедници, и малите, и големите. Дури и места во затворите се резервирани секогаш повеќе за помалите, отколку за поголемите етнички заедници. Колку благородно!
Цели политички кариери, но и многу повеќе од тоа, цели политички партии со стотици илјади луѓе, нивни членови, гласачи, па и „неутрални“ поддржувачи се организирани на тој начин што дури и несвесно оддаваат почит кон различните од себе. Супер модерни и прогресивни граѓанки и граѓани се тоа.
Секој од местото во општеството каде што се наоѓа, прават сѐ што е во нивна моќ, за да чекорат кон интегрирана, мултикултурна заедница на различни, но еднакви и достоинствени луѓе. Постојано ги мислат, плетат приказни и митови за другите, го повикуваат Бог да им помогне, за што подобро и повеќе да ја изразат својата почит кон различните од себе.
И секој облик на омраза, шовинизам и дискриминација решително го отфрлаат и осудуваат. Такво нешто не се среќава често во денешно време, но, сепак, има такви нации во светот, и тоа не малку. Среќна околност е што и македонското општество токму меѓу нив.
Медиумите, нервниот систем на општеството, мудро и одговорно работат на тоа, секогаш и непогрешливо, да го покажат со својот прст вистинскиот виновник, никако некој друг. Тие никогаш не грешат.
Исто како невладините организации чии лидери-експерти веќе три децении ги цицаат европските и американските фондови за да ги надојат своите мозоци со мудрост и памет, за проевропско, мултикултурно, прогресивно, безбедно и просперитетно македонско општество. Кое е отпорно и решително ѝ се спротивставува на руската пропаганда и хибридни закани против демократијата.
Просто да не знае човек кој е поарен – невладините или медиумите. Милина да ти е да ги гледаш.
За здравството да се зборува ли? Па има ли зборови да се опише таа преданост кон човечкото здравје? Невидена е таа длабоко сентиментална поврзаност со највисоките морални, професионални и научни достигнувања, со една единствена мисла – да се спаси човечки живот, да се подобри здравјето и да се продолжи векот на секој пациент.
Под тие бели, сини и сиви мантили во ходниците на здравствените установи чукаат најголемите срца во оваа галаксија. Иако самата планета е една обична провинција во галаксијата позната како Млечниот Пат или, народски, Кумова Слама. Но нема други такви срца во оваа галаксија. Веројатно и во многу други галаксии во соседството. Одговорно тврдам. И транспарентно, како што може да се прочита.
После сево ова, мислам дека е излишно да се редат други облици на општественото организирање на животот на оваа мала точка на Земјината топка, наречена Македонија, а од неодамна и со географска одредница во нејзиното древно и свето име. Нема зошто посебно да се бараат зборови за пофалба за нивото на јавната свест, за грижата за животната средина и природата, за образованието на младите генерации, за културата и софистицираните начини на забава, па и за туризмот. Нема доволно меморија во компјутерските системи за да се внесат сите зборови на пофалба, а веројатно нема ни толку зборови во речникот.
За сево ова и многу други неспомнати облици на почит и небесни и човечки убавини да биде познато, постојано да се одржува, негува и надградува, се грижат стотици новинарски колегиуми, со велики уредници и чесни медиумски газди. За ним да им се олесни работата што повеќе, вредно работат и неброени експерти за медиуми и слобода говорот, мислењето, изразувањето и кроењето лозје. И испуштање гасови наспротив ветерот.
Но тоа не е сѐ.
Македонската држава формирала и одржува во благосостојба и неколку државни агенции, работни групи за реформи и други форми на организирана поддршка на драгоцените медиуми и сите што работат во нив. Но да не биде загрозена демократијата, тие и немаат многу големо значење, па така главниот збор им се отстапува на медиумските синдикати, здруженија и асоцијации за заштита, унапредување, саморегулација и иригација. Па тука се и разни програмски совети, комисии и многу други облици на регулација и саморегулација, сѐ со цел да се овозможи мудро, одговорно, навремено, квалитетно и објективно информирање на оваа земја на вредни џуџиња.
Ма браво!
Превземено од Цивил Медиа