Велосипедската трка ВЕРА ТУР 2022 ја организира Александар Стојков, успешен регионален деловен човек со потекло од Македонија, во чест на неговата почината мајка Вера Стојкова, но и во чест на сите оние што ги загубија животите од ова зло (пандемијата Ковид-19) што не снајде во последните две години, во чест на сите што не се со нас, но и во знак на почит на сите блиски околу нас, на сите родители, деца, семејства, колеги, пријатели.
Идејата за ваков спортски предизвик, сериозен логистички и организациски потфат, дојде во момент кога поради смртта, Александар не беше во можност да ја однесе неговата мајка на местата каде што работи, создава и гради. Сето тоа го мотивираше да осмисли една ваква манифестација во форма на аматерска маратонска тура со велосипед, која ќе ги обедини сите тие места, сите главни градови на овие 6 држави, сите места од неговото детство, сите важни места за семејството, но и за нас како држава, Македонија.
Покрај другото, ќе оддадеме почит со официјален пречек на споменикот на Тоше Проески во Нова Градишка, ќе го посетиме и местото на кое загина Претседателот Борис Трајковски со екипажот, ќе ја посетиме и новозавршената Македонска црква во Загреб, а воедно ќе ги посетиме и сите природни убавини на 6-те држави по должина на рутата.
Велосипедската тура почнува од родното место на Вера и на Александар, Свети Николе на 21.03.2022 и ќе се вози низ 5 поранешни Ју-републики (Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора) и Албанија, а финишот повторно е во Македонија, на 05.04.2022 година.
Целта на оваа велосипедска тура е возобновување на човечките вредности, подзаборавени или изместени во последно време, враќање на соработката, разбирањето и љубовта од секаков вид, кои некогаш ги имаа, а денес помалку ги практикуваат народите кои живеат на овие простори.