Во Основниот кривичен суд Скопје денеска сведочеше Зорица Ѓорчевска, мајката на убиената Вања.
Ѓорчевска изјави дека во моментот кога сфатиле дека Вања не се појавила на училиште, а на телефонот била недостапна, локацијата на „Гугл“ им покажала дека е на Партизанска, а кога отишле таму со сопругот Александар, затекнале напуштена куќа. Внатре немало никој.
Ѓорчевска сведочеше дека сопругот и’ рекол и дека ја барал и во Сарај, Арачиново, Блаце, а од првиот момент велел: „Киднапирана е, нема што друго да биде“.
Судењето за убиството на Панче и Вања почна на 20 септември. Им се суди на првообвинетиот Љупчо Палевски, како и Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа најдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.