Канадската компанија Магна која се занимава со производство на автомобилски ретровизори отвора фабрика во индустриската зона во Струга.
Фабриката треба да почне со работа кон крајот на годинава а во компанијата веќе се вработени 40 лица, но согласно бизнис планот се планира да се отворат над илјада и 200 работни места.
Премиерот Зоран Заев изјави дека инвестицијата на Магна во Струга е потврда за добрите економски политики на Владата, а самата инвестиција ќе придонесе за соработка со домашните компании.
„Магна интернешнел произведува ретровизори и други технолошки производи за потребите на автомобилската индустрија поточно за Џенерал Моторс, Форд, БМВ, Тојота, Фолксваген, Хонда и многу други познати брендови. Производството на првите производи од Северна Македонија ретровизори за Дачија Дастер е планирана кон крајот на 2021 година. Инвестицискиот циклус на Магна започна во март 2021 и ќе трае до 2026 година а објектот кој ќе се гради ќе биде со големина од околу 17 илјади метри квадратни. Придобивките од оваа инвестиција се бројни а едно од нив е интензивирање на соработката со домашните компании“, истакна Зоран Заев.