Во скопската населба Карпош полициски службеници привеле 44-годишна жена поради запуштање и малтретирање на нејзината 16-годишна ќерка.
По упадот во станот во Карпош, МВР, како и претставниците од „Меѓаши“ и Меѓуопштинскиот центар за социјална ртабота констатирале дека девојчето подолго време било држено заклучено дома и било малтретирано.
-На 15.01.2021 полициски службеници од Единицата за внатрешни работи Карпош, по претходно добиени сознанија и со наредба од истражен судија, а во присуство на претставници од Првата детска амбасада „Меѓаши“ и од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Скопје, влегле во домот на подрачјето на Карпош, каде што биле затекнати 44 -годишната жена и нејзината 16-годишна ќерка. Притоа било констатирано дека малолетничката била подолго време заклучувана во домот и не добивала соодветна нега од родителот, информира МВР.
Истовремено појаснуваат дека на малолетничката веднаш ѝ е пружена соодветна помош и е сместена во здравствена установа, каде што е згрижена, а по службена должност ќе ѝ биде определен старател. Нејзината мајката е приведена, а потоа пренесена во психијатриската установа „Бардовци“, каде е задржана до понатамошна постапка. Против неа ќе биде поднесена кривична пријава, а се преземаат и дополнителни мерки и активности.