Камелија Кулакова, мајката на трагично загинатата Фросина во трагедијата на „Партизанска“, се огласи на својот фејскуб -профил со емотивна објава и порача дека ќе оди до крај за да има правда.
„Почитувани родители, млади луѓе – идни родители. Душава ми гори од болка, а срцето ми е распарчено, но морам да ви се обратам.
Сето ова популаризирање на нашата семејна трагедија е дотурање сол на нашата рана, која никогаш нема да се залечи.
Јас бев горда мајка. Пораснав три златни деца. Ги воспитував и учев да бидат добри личности. Добри, чесни и доблесни луѓе. Да си ја сакаат татковината. Да си ги почитуваат културата и традицијата. Да сочувствуваат. Да споделуваат радост и тага. Секогаш да се ставаат на другата страна пред да осудат и да ги разгледуваат нештата од сите страни пред секоја своја постапка.
Тоа е многу тешка задача. Особено во ова време невреме.
И што се случи.
Соништата на Фросина беа и наши соништа.
И што се случи.
Огромна празнина, неподнослива болка, траурни слики, кои постојано ти поминуваат пред очите и безброј зошто, зошто, зошто, зошто баш Фросина…
И во еден момент си помислив… можеше да е друго дете, син, ќерка, сестра, брат, љубена, Љубен, другар. Можеше друго семејство да се распаѓа од болка. А болката не познава политика. Не знае за вера, раса, нација… само едно БОЛКА.
И тогаш си реков. Морам да сум силна. Морам да сум силна за да има правда за моето чедо и за сите деца чии родители, браќа, сестри не ја дочекале правдата за нив. И нема да се скршам. Ќе одам до крај. Ќе бидам мајка, татко, сестра брат…
Меката, светла и моќна енергија на Фросина ме води и ми дава сила. И не само мене, на сите нас.
Поради тоа, најискрено ве замолувам да не правите политика од оваа наша семејна трагедија. Бескрајно сум благодарна на сите што искрено сочувствуваат со нас. Бескрајно сум благодарна на медиумите, на новинарите, кои ми помогнаа некои работи да ми станат многу повеќе јасни. Благодарам на сите политичари – ЛУЃЕ, кои застанаа на нашиот пат. Му благодарам на народот, кој нѐ подржува, зашто, без притисокот на народот и медиумите, патот на правдата немаше ни да почне.
Затоа сакам да ве прашам.
Па нели благодарноста е доблест и основно начело на секое општество, цивилизација, религија.
ПРАВДА ЗА ФРОСИНА МОРА ДА ИМА ЗАШТО
СЕКОЈ МОЖЕ ДА Е СЛЕДЕН
Почивај во мир, сонце мое.
Нека ти е светол патот.
Една e мајка“, стои во објавата.
Обвинителството сѐ уште презема мерки и прибира докази за сообраќајната несреќа на „Партизанска“, во која загина 22-годишната Фросина Кулакова.
Текстот Мајката на Фросина: Меката, светла и моќна енергија на Фросина ме води и ми дава сила, ве замолувам да не правите политика од оваа наша семејна трагедија е превземен од МАКФАКС.