Полицијата во поранешниот древен главен град на Мјанмар, Баган отврои оган врз демонстрантите кои протетсираа поради воениот удар.

Според очевидците повредени се најмалку пет луѓе. А, собраните чаури покажуваат дека полицијата употребила боева муниција.

Протести поради пучот денеска имаше и во другите градови во Мјанмар, вклучително и во двата најголеми Јангон и Мандалеј, каде полицијата пукаше во воздух како предупредување и употреби солзавец, гумени куршуми и шок бомби за да го растера насобраниот народ

Баган се наоѓа во централната област Мандалеј и е на листата на УНЕСКО како светско наследство поради повеќе од 2.000 пагоди или нивни остатоци, а потекнуваат од девет до 13 век. Тогаш Баган беше главен град на кралството подоцна познато како Бурма, а сега како Мјанмар.

Според Канцеларијата на Обединети нации за човекови права, најмалку 18 демонстранти загинаа од огнено оружје на 28 февруари, а 38 беа убиени на 3 март, а повеќе од 1.500 луѓе се уапсени.

Протестите во Мјанмар почнаа откако армијата на 1 февруари воведе вонредна состојба и ја презеде власта во државата и уапси високи владини функционери под обвинување за измама на минатогодишните избори, меѓу кои и легално избраната премиерка Аунг Сан Су Чи.