Карпош ќе биде пример како се градат услови за удобно и пристојно живеење, ветува кандидатот за градоначалник на Карпош од ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски.

„Денес го претставуваме еден од најзначајните проекти во интерес на секојдневниот живот на граѓаните на Карпош. Програмата за реконструкција на фасади и модернизација на лифтови и поставување шифрарници во сите станбени згради на територијата на нашата општина. Знаеме дека голем број згради особено постарите со години се соочуваат со исти проблеми: дотраени фасади, нефункционални лифтови и недоволна заштита на влезовите. Овие состојби не се само естетски недостаток, тие се прашање на безбедност на достоинство и на еднаква пристапност на сите жители. Постарите лица, лицата со намалена подвижност, мајките со количките сите тие секојдневно зависат од исправноста на лифтовите. Со овој проект воведуваме и субвенции за целосна реконструкција на фасадите со што ќе постигнеме поголема енергетска ефикасност, пониски сметки за греење и ладење и поубава урбана слика за Карпош“, рече Лукровски.

Истовремено, додаде тој, ќе обезбедиме замена на сите клучни безбедносни компоненти на постоечките лифтови, од сајли сопирачки до ултразвучни механизми и системи за итни случаеви.

„Работите ќе бидат изведувани по современи стандарди и со задолжителни проверки за лифтовите, да бидат сигурни, доверливи и трајни. Дополнително во сите влезови ќе бидат поставени шифрарници за поголема контрола и безбедност на станарите, за спречување и злоупотреба од трети лица“, истакна Лукровски.

Според него, оваа иницијатива не е само техничка интервенција, ова е инвестиција во едно човечко достоинство, во комфор и во секојдневна сигурност на жителите на Карпош.

„Со овој фонд нашата општина ќе покаже дека знае да се грижи, дека умее да реагира и дека има визија, да создаде современа уредна и безбедна заедница за сите жители“, заклучи Лукровски.

Текстот (Видео) Лукровски: Реконструкција на фасади, модернизација на лифтови и поставување шифрарници во сите станбени згради во Карпош е превземен од МАКФАКС.