Белорускиот претседател Александар Лукашенко објави дека рускиот ракетен систем „Орешник“ пристигнал во Белорусија и веќе е ставен во борбена готовност. „Тој е тука од вчера и е ставен на борбена должност“, рече Лукашенко во својот говор, како што објави белоруската државна новинска агенција БелТА.
Објавата доаѓа само еден ден откако лидерот на Кремљ, Владимир Путин, изјави дека балистичкиот ракетен систем „Орешник“ ќе биде ставен на борбена должност до крајот на 2025 година.
Во говорот на 21 ноември, Путин индиректно ги потврди извештаите дека Русија користела ракета со среден дострел „Орешник“ за време на нападот врз градот Днепар истиот ден. САД подоцна официјално потврдија дека Русија го нападнала Днепар утрото на 21 ноември со балистичка ракета изведена од интерконтинентална балистичка ракета РС-26 Рубеж.
Украинските воздухопловни сили претходно објавија дека Русија користела интерконтинентална балистичка ракета за време на нападот, а извори на Украинска правда рекоа дека можеби станува збор за ракета „Рубеж“, потенцијален носач на нуклеарни боеви глави. На 22 ноември, Одбранбената разузнавачка служба на Украина (ДИУ) соопшти дека Русија лансирала балистичка ракета, веројатно од системот Кедр.
Кон крајот на ноември, Путин го објави почетокот на масовното производство на системот „Орешник“ и рече дека може да се користи за удар врз „центрите за донесување одлуки во Киев“.
Текстот Лукашенко: „Орешник“ пристигна во Белорусија, подготвен е за напад е превземен од МАКФАКС.























