Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска во рамките на расправата на собраниската комисија за финансирање и буџет, посветена на предлог-буџетот за 2025 година истакна дека реториката на напад на власта полека оди кон одбрана, на моменти неосновано и безаргументирано.

„Мислев дека нема да се критикува претходната власт, а и не би личело кога зборуваме за нов буџет, нема веќе простор за обвинувања за некакви душмански трошења, несоодветна распределба на средства, фаворизирање на една или друга институција, па некогаш не одат во прилог бројките за споредба по било кој параметар, особено за јавниот долг, гломазноста и секако сè ќе пукне како балон, за што се милуваше овде долго и долго да се зборува претходните неколку години“, рече Лукаревска, и направи споредба со сите епитети коишто што беа давани изминатите години, кога се носеа буџетите.

Лукаревска истакна дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ скрои буџет од 6,5 милијарди евра во услови кога претходната влада предводена од СДСМ ги санираше разорувачките последици од пандемиската криза, на која и се надоврза економската криза, војната во Украина, енергетската неизвесност, ценовните шокови и неминовната инфлација.

„Во целиот текст на буџетот провејуваат оптимистички проекции, но истите ако не се остварат ќе имаме влошување на фискалната консолидација во земјата. На пример се планира раст од 13,1% на приходи од данок на личен доход во 2025 во однос на планираните од минатата година, тоа тешко да се оствари во отсуство на овогодинешна даночна реформа затоа што слушнавме дека ќе имаме одреден напредок во 2026 година и во услови на инфлација и забавен раст на платите“, рече Лукаревска, додавајќи дека покрај ова има и даночни приходи, кои се планирани да растат уште и посериозно, како и раст на БДП од 3,7% во 2025, што исто така не го зема предвид забавувањето на економијата во еврозоната, посебно во Германија.

Лукаревска нагласи дека кај тековните расходи, најголем е растот масата на плати и социјални трансфери, капиталните расходи се зголемуваат повеќе од тековните расходи, што на прв поглед изгледа во ред, но треба да се постави прашањето колкав дел од тие плаќања ќе останат во македонската економија.

Нема средства за унапредување на здравствена заштита преку фондот за здравство, за поддршка на земјоделството средствата се намалуваат од 128 во 2024 на 117 милиони евра. Се намалуваат средствата за поддршка на развој на мали и средни претпријатија од 80 милиони денари на 18. Тие се двигателот во бизнис заедницата, а од друга страна за поддршка на странски инвестиции има 36 милиони евра, истакна Лукаревска, и констатираше дека оваа влада ги продолжува проектите, кои се осмислени, преговарани и договарани од претходната влада, како коридорите на Бехтел и Енка кои беа „криминален проект“, а сега се високо на агендата на проекти за реализација на новата влада.

Предлог Буџетот за 2025 точно ја дефинира политиката која има намера да ја тера оваа влада исклучиво за свои потреби, минимална грижа за граѓаните, максимална за себе, минимална реална посветеност и максимална пропаганда. Единствено што може да се заклучи од предложениот буџет за 2025 година е дека смело чекориме кон нови задолжувања, кои, кон крајот ќе стигнат за наплата кај секој граѓанин, без разлика на што и кој ќе го користи кредитот, каматата секако е наменета за граѓаните, порача пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска.