Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска вечерва за Телевизија 24 изјави дека доколку вработените по Рамковен договор кои се распоредени во оваа институција не покажат резултати во работењето, тогаш ќе мора да се збогуваат со нив.
– Сите кадри кои се во УЈП се во рамки на нашата систематизација која ја променивме за да можеме да ги примиме. Тие ќе поминат тест, ние нема да ги галиме. Ако не покажат резултати, ќе мора да се поздравиме соодветно затоа што никој директор кој си ја сака институцијата и работи совесно и чесно, не би сакал да има дамки во своето работење, рече вечерва Лукаревска.
Прашана за одлуката на поранешниот директор на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски, кој одби да прими вработени по Рамковен поради несоодветно образование, Лукаревска рече дека тоа е негова лична одлука и оти тоа е за респект. Ситуацијата во институцијата која ја водам, рече Лукаревска, е поинаква и ние имаме недостиг на кадар.
Пауновски, кој исто така вечерва беше гостин во емисија на телевизија 24, рече дека не можел да ги прифати понудените кадри затоа што имале несоодветно образование, а не затоа што биле Албанци.
Не се работи за пркос, рече Пауновски, само ја барав правдата и ја штитев институцијата. Разрешувањето, како што посочи, не го гледа како казна.
Рече дека ќе и се извини на јавноста и ќе ѝ честита на новата в.д директорка доколку може да ги прими 35-те лица, кои се распоредени за вработување.