Даночната реформа е за намалување на сивата економија, вели директорката на УЈП, Сања Лукаревска во гостувањето во „Топ тема“. На прашањето како даночната реформа ќе влијае на полнењето на буџетот, односно на приходната страна, таа одговори:

-Не може преку даночната реформа од секаде каде што може да се влече да правиме приходи. Даночната реформа треба сите оние што се во неформалниот дел да ги приклучи во формалниот дел. Сите оние што плаќаат придонеси согласно законот не треба да бидат ставени во друга позиција, наспроти оние што тоа го избегнуваат. Исто така повикувам почесто да постапуваат инспекциските служби, рече Лукаревска.

Таа кажа дека даночната реформа не е задоцнета.

-Не се задоцни и не се одложуваше, од август имаше дебати, сепак сме и во енергетска криза, потоа се зборува за даночна реформа. И голем дел експерти кажаа дека треба тоа да се направи во време на криза, додаде Лукаревска.

Според директорката на УЈП постојат голем број на даночни ослободувања и олеснувања.

-Тие ќе важат исклучиво само за инвалидните лица. Воедно го слушаме и гласот на коморите. Треба се даночи екстра профитот и тука исто така треба да се направи дебата за да не се донесе избрзано решение кое не би го дало посакуваниот резултат. Ќе ги слушаме коморите, ќе ги чуеме аргументите за и против, истакна Лукаревска, додавајќи дека треба да се доуреди и реинвестираната добивка за да не се прават злоупотреби.