Најдобриот играч на Интер, Ромелу Лукаку кој го предводеше составот до шампионска титула по пауза од една деценија, деновиве ќе го официјализира трансферот во Челзи. Италијанските медиуми, поточно угледниот „Газета дело Спорт“, објави дека напаѓачот побарал од стручниот штаб на Интер да не тренира денеска и утре да не биде во составот за пријателскиот меч со Парма. Добил таква дозвола, бидејќи информациите велат дека Интер ја прифатил понудата од Челзи од 115 милиони евра.
Лукаку во Челзи ќе добива 12 милиони евра по сезона, што е двојно повеќе од она што го добива во Интер.
Сепак, навивачите на италијанскиот тим се бесни. Лукаку изјавуваше дека е среќен во Интер, дека не сака да замине, тие протестираа пред седиштето на клубот оставајќи транспаренти да не се чепка Лукаку, но на крајот италијанските медиуми објавија дека тој и неговиот менаџер се согласиле на трансферот.
Белгиецот помина во Интер две сезони, на 98 меча постигна неверојатни 64 голови. Се препороди откако дојде во Милано од Манчестер Јунајтед. Беше дел од Челзи порано, од 2011-та до 2014-та, но таму не се изнаигра многу.