Репрезентацијата на Хрватска беше поразена во првото коло од групната фаза на Европското првенство од Англија со 1:0.
Светскиот вицешампион не го отвори баш најдобро ЕП, а по поразот од Англија добија многу критики за многу лошата игра на Вембли.
Хрватите по мечот се вратија во Ровињ, кој е нивна база на ова Европско првенство, а сега се насочени кон најдобра можна подготовка за мечот во второто коло против Чешка.
Хрватските играчи го одработија тренингот вчера, а Златко Далиќ реши да ги одмори играчите кои играа од првата минута на дуелот против Англија.
Она што може да го израдува тренерот на Ватрените е што на тренинг се врати Дејан Ловрен, кој се чини дека се опорави од повредата на коленото. Ловрен го одработи целиот свој тренинг и треба да биде подготвен за натпреварот против Чешка.
Токму овој искусен дефанзивец се најде во центарот на вниманието на новинарите кои го следеа тренингот вчера. Имено, Далиќ ги изненади сите кога им изјави на новинарите дека можат да го следат целиот тренинг, а не само воведните 15 минути како што е вообичаено.
Темпото на почетокот на тренингот не беше најдобро, што воопшто не му се допадна на Ловрен и реши малку да ги „разбуди“ соиграчите.
“Што е ова? Ако не сме реални сега, што ќе се случи во петок? Нема да бидеме во игра. Ајде сега да бидеме силни! Нема што да бараме против Чешка вака”, им рече Ловрен на своите соиграчи во тренингот.
Тие сериозно го сфатија она што го зборуваше Ловрен и темпото на тренинг значително се зголеми после тоа, што секако можеше да му се допадне на Далиќ, но и да покажат каков авторитет има Ловрен во тимот.