„Сметам дека моментната ситуација е резултат на тоа што одговорните грубо потфрлија“, изјави Фрауке Цип, невролог од германската Национална академија на науки. Ова се зборови со голема тежина од жена која спаѓа во најважните советници на Владата во текот на пандемијата.
Цип во весникот „Велт“ потсети дека на крајот на летото постоела понуда од Бионтек за Берлин да набави многу повеќе вакцини. „Зошто тогаш не е порачано на ризик?“, прашува Цип.
Во Германија до крајот на јануари ќе стигнат сѐ на сѐ три до четири милиони вакцини против коронавирус, што ни одблизу не е доволно завакцинирање ни на приоритетните групи во кои влегуваат речиси девет милиони луѓе – постари од 80 години, станари на старечки домови и медицинари на првата борбена линија во борбата против вирусот.
Официјален Берлин со пред-договори и договори обезбеди околу 300 милиони дози вакцини од различни производители, делумно преку ЕУ, дел и самостојно. Тоа во теорија е доволно за вакцинирање на целото население двапати, но неволјата е што мнозинството од тие вакцини уште не е одобрено или кој знае кога ќе бидат произведени.
Критики од опозицијата
Според податоци на Our World in Data, од 27 декември, кога вакцинацијата почна низ целата ЕУ, во Германија првата доза ја примиле само околу 200.000 луѓе. Стапката на вакцинирани со тоа изнесува околу 0,25 проценти, а слично работата се одвива и во цела ЕУ.
Истовремено во Израел се веќе вакцинирани 12,59 % од популацијата, а подобра од Германија е и ситуацијата во Велика Британија и САД, кои почнаа со вакцинација нешто порано.
Михаел Тојрер, пратеник од Либералите во Бундестагот, го критикува министерот за здравство Јенс Шпан дека есеноска пропуштил прилика за брзо реагирање на брзиот развој на германската вакцина од Бионтек и обезбедување поголем број дози.
„Мора да се разјасни каде настанал овој јавашлук“, вели и Јан Корте, пратеник од Левица, кој инсистира министерот Шпан да даде објаснување пред пратениците.
Шпан меѓутоа одговори дека во целина, вакцинацијата тече добро и според најавите. „Се подразбира дека би било убаво да имаме повеќе вакцини, работиме во тој правец“, изјави Шпан, надевајќи се дека наскоро ќе биде одобрена и вакцината на АстраЗенека, за која не е потребно чување на толку ниски температири. Освен тоа, се подготвува и отворање нов производен погон за вакцините на Бионтек и Фајзер кај Марбург.
Опклада на погрешни коњи
Баварскиот премиер Маркус Зедер ја префрла вината врз ЕУ, која во име на членките порача најголем контингент вакцини. „Европската комисија во планирањето се однесуваше многу бирократски, порача премалку од вистинските произведувачи и предолго преговараше околу цената“, изјави тој за весникот „Билд“.
ЕУ и Германија најмногу се потпираа на класичната вакцина на АстраЗенека која може да се произведува во поголеми количини и по ниска цена, но таа уште нема дозвола за користење. Брисел на почетокот на септември порача 200 милиони дози кај Бионтек и стекна опција за уште 100 милиони дози.
Но, многу земји веќе претходно ја договорија истата вакцина во многу поголеми количини во однос на бројот население – Велика Британија договори 30 милиони, а САД дури 600 милиони, Јапонија – 120 милиони дози.
„Тешко е да се објасни како се случи таа добра вакцина да е развиена во Германија, но некаде на друго место да се врши побрзо вакцинирање“, рече Зедер.
На истата тема Клаус Реме, новинар во радиото Дојчландфунк, истакнува: „Секако дека летоска не можеше да се знае која вакцина ќе ја добие трката, но со оглед што шампионот Бионтек доаѓа од нашата земја, упатно е да се праша зошто владата не направила порана и масовна порачка кај нив“, коментира Реме.
И основачот на Бионтек, Угур Сахинво интервју за „Шпигел“ укажа дека другите земји побрзо ги купувале нивните вакцини отколку ЕУ. „ЕУ нема директна надлежност зашто членките имаат право на глас. Во ситуација кога се преговара, а постои голема побарувачка, тоа одзема време“, рече Сахин. Сега ситуацијата со вакцинација во Германија не е розова, заклучи научникот.
Преземено од Дојче Веле