Специјалниот пратеник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич, високо ја оцени соработката со албанските вооружени сили во рамки на воената вежба „Austere Wolf – 24“, оценувајќи ја оваа активност како фактор за зајакнување на мерките за зголемување на безбедноста во регионот и пошироко, објави АТА.

Говорејќи на настанот DVDay (Distinguished Visitors Day)- Денот на високите гости на заедничката воена вежба меѓу албанските и британските трупи, рекол дека „со војната што се случува во Украина, важно е да се потсетиме на важноста на безбедноста во Европа“.

-Ова изгледа како мала активност, бидејќи разбрав дека дел од албанската војска ќе оди во Газа, така што со овие посебни капацитети што ги имаме во нашата и во вашата земја, мора да соработуваме за да ја разбереме географијата на нашиот континент – нагласил Пич.

Се задржал и на „стратешкото значење на Коридорот 8“, кој ги поврзува патиштата, пристаништата, инфраструктурата и, како што рекол, е многу важен бидејќи ѝ овозможува на Алијансата побрзо движење.

-Соработуваме со албанските воени сили 100 години, тоа е  долга историја на соработка и среќни сме што гледаме кадети Албанци кои добиваат дипломи во Велика Британија и продолжуваме да работиме заедно со сè што не обединува. Како поранешен шеф на комитетот во НАТО, ќе нагласам дека работиме заедно во повеќе насоки. Веќе нема доктринални граници и сè е под чадорот на зборот одбрана, изјавил Пич.

Најавил дека во рамки на вежбата, воените сили ќе се движат кон Северна Македонија, а потоа кон Косово.

Началникот на Генералштабот на албанските вооружени сили, генерал-мајор Арбен Кинѓи изјавил дека развојот на пристанишните капацитети на Албанија ќе се решава преку инвестирање во новото пристаниште Порто Романо, кај Драч.

-Со оглед на капацитетите и протокот на сообраќај што ги нуди Коридорот 8, евидентна е потребата од развој на пристанишните капацитети, што ќе се реши преку инвестицијата во новото пристаниште Порто Романо. Ова пристаниште ќе нуди капацитети за истоварување и сместување на единици до ниво на бригада и услуги за одржување, снабдување и складирање, најавил Кинѓи, наведува АТА.

Според него „можностите што ги нуди ова пристаниште се засилени од обновената воздухопловна база Кучово, која ќе служи како центар за распоредување, обука и активности на нашите воздушни сили, како и поддршка на операциите и вежбите на НАТО“.