Постигнат е договор за сите отворени прашања за кои постоеше несогласување подолг период, ова е исходот од лидерската средба меѓу Заев и Мицкоски која траеше околу три часа. Договорено е одложување на пописот, наместо од април тој да се одржи во септември, а локалните избори да бидат пролонгирани за крајот на октомври.
-Откако процесот на имунизација на население и попишувачите, што е многу важно ќе се случи пописот, затоа се договоривме истиот да биде одложен наместо сега во месец април како што е планиран да се одложи за месец септември како можен период, да биде од 5 до 30 септември, 25 дена-рече Мицкоски.
-Дијаспората почна да се попишува и тие податоци досега што ги имаме на попишани 200 илјади е ред да ги верификуваме и да ги потврдиме дека е така за да мотивираме да се допопишат сите наши сограѓани кои што живеат надвор од државата и го даваме тој континуитет, онлајн попишување и тоа може да се направи впрочем не би било реално, не би било оправдано ако направиме тоа да се прекине.-рече Заев.
Покрај за пописот, договорено е деблокирање на Собранието, измени на Изборниот законик, како и тоа локалните избори да се одржат со фингерпринт.
-Се согласивме веќе утре на дневен ред во рамките на парламентот ќе биде измената во Изборниот законик која што се однесува на терминалите на отчитување на отисок на прст или таканаречени фингерпринт терминали и очекуваме успешно да биде изгласана во рамките на парламентот. Измените на изборниот модел во една изборна единица или доколку има други предлози, понатаму отворени листи за советници за следните локални избори понатаму избор за градоначалник во прв круг.-изјави Мицкоски.
Оваа средба беше одржана само меѓу Заев и Мицкоски, но во среда премиерот најави средби и со другите парламентарни партии.
-Денеска јас се консултирав со ДУИ и со БЕСА, нормално, не можев да се јавам за останатите 22 партии оти немаше време. Правевме пауза за тоа, за да ја испратам пораката дека ова не е на Македонецот Заев со Македонецот Мицкоски договор. Ова е нешто кое што не става во позиција како две најголеми политички партии во државата, но ние не сме сами ниту во парламентот ниту во опозицијата ниту во владата. Затоа се консултирав и реков во мојот одговор дека ќе ги консултирам и Алијанса за Албанците и Алтернатива во среда на состанокот за кој што сме договорени.-рече Заев.
На средба Заев и Мицкоски разговарале и околу имунизацијата на населението, за кое што било речено дека тој процес ќе тече во текот на април кога се очекува до крајот на месецот да стигнат 350 илјади вакцини, а потоа да има дополнителна набавка на уште поголеми количини.