Министерот за правда, Кренар Лога, оствари средба со министерката за правда на Косово, Албулена Хаџиу, како дел од дводневниот Министерски форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи, кој се одржа неделава.
На состанокот, како што соопшти Министерството за правда, двајцата министри разговарале за заедничките визии, вредности и предизвици со кои се соочуваат двете земји.
Лога на средбата истакнал дека реформите во правосудниот систем, независноста на системот и професионалноста на избраните носители на судската власт се едиствениот пат за враќање на довербата на граѓаните и обезбедување на функционален и праведен систем.
-Република Северна Македонија и Република Косово имаат многу позитивни искуства кои може да ги споделат за успешно чекорење кон европскиот пат. Ние сме чекор пред отварање на преговорите со Европската Унија, и бележиме напредок во многу области, што претставува корисно искуство за Косово, истакнал Лога, се наведува во соопштението на Министерството.
Од друга страна, тој истакнал дека Косово е успешна приказна и пример за регионот во сферата на дигитализација на правосодниот систем, процес кој е приоритет и за нашата земја.
Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи се одржа неделава во Скопје. На првата сесија на форумот одржана во четвртокот, беше посветена на внатрешните работи, со фокус на внатрешната безбедност и зајакнатото управување со миграцијата, азилот и надворешните граници, додека пак, втората сесија на форумот беше фокусирана на владеењето на правото и реформите во судството, како и напредокот во заедничките активности поврзани со руската воена агресија врз Украина.























